Вимблдон: Рубљев елиминаран на стартот, победа на Швјонтек


Аргентинецот Франциско Комесана, 122. рангиран тенисер во светот, направи изненадување овој вторник на Вимблдон, во мечот од првото коло го победи шестиот носител Русинот Андреј Рубљев со 6:4, 5:7, 6:2, 7:6. (5).

Дваесет итригодишниот Аргентинец првпат во кариерата го мина првото коло на еден од четирите Грен-слем турнири, додека шестопласираниот во светот Рубљев продолжи со слабите резултати. Најпрво стаса само до третото коло на Ролан Гарос, додека во „тревниот“ дел од сезоната одигра два меча и двата ги загуби.

Минатата година Рубљев одигра многу добар Вимблдон. Стигна до четвртфиналето, каде во четири сета го загуби мечот од Новак Ѓоковиќ.

Полјачката Ига Швјонтек, моментално тенисерка број еден во светот, со победа го отвори турнирот на лондонската трева, иако не беше потполно убедлива. Таа ја победи Американката Софија Кенин со 6-3, 6-4.

Швјонтек дојде на Вимблдон како победничка на Ролан Гарос, каде што победи по четврти пат во кариерата, односно вкупно петти пат на Грен-слем турнири, но никогаш немаше голем успех во Лондон. Нејзиниот најдобар резултат во „Ол Ингланд клубот“ беше минатогодишното четвртфинале.

Швјонтек во второто коло ќе игра против победничката од мечот меѓу Хрватката Петра Мартиќ и Британката Франческа Џонс.

- Реклама -