Вим Вендерс ќе го добие европскиот Оскар за животно дело


Вим Вендерс, 79-годишниот гигант на германската кинематографија познат по филмовите како што се „Париз, Тексас“ и „Крилја на желбата“, ќе го добие европскиот Оскар за животно дело или Европски филм Оскар (ЕFA) за „извонредниот опус“.

Вендерс ќе ја добие оваа почест на церемонијата на европските филмски награди на 7-ми декември во Луцерн, Швајцарија, соопшти ЕFА.

Вендерс е роден во Дизелдорф во 1945 година и моментално живее во Берлин. Има снимено десетици играни и документарни филмови од дебитантскиот филм „Лето во градот“ во 1970 година.

Ја освои Златната палма на фестивалот во Кан во 1984 година за филмот „Париз, Тексас“, а нов успех постигна три години подоцна со берлинската љубовна приказна „Крилја на желбата“. Неговиот документарец од 1999 година за кубанската улична музика „Buena Vista Social Club“, исто така, беше добро прифатен од публиката и филмската критика.

Неколкупати беше номиниран за Оскар, вклучително и за минатогодишниот филм „Совршени денови“. Филмот за чистач на јавни тоалети во Токио беше во трка за наградата за најдобар меѓународен долгометражен филм, но Вендерс остана со празни раце.

Вендерс е еден од основачите на Европската филмска академија и беше нејзин претседател од 1996 до 2020 година.

„Со оваа награда го славиме извонредното дело на Вим Вендерс, кој продолжува да истражува и експериментира со љубопитно око и отворен ум“, рече во изјавата Матијс Ваутер Кнол, извршен директор на Европската филмска академија.

- Реклама -