(ВИДЕО) Светски лидери му пееја „Среќен роденден“ на германскиот канцелар Олаф Шолц

Кога Фон дер Лајен му кажува на Бајден дека му е роденден на Шолц, тој прашува: „Му испеавте ли роденденска песна?“ Потоа вели: „Во семејството Бајден се пее ‘Среќен роденден’ на роденденот“

ФОТО: Принтскрин

Светските лидери, предводени од американскиот претседател Џо Бајден, во хор му пееја „Среќен роденден“ на германскиот канцелар Олаф Шолц за време на Самитот на Групата седум, што се одржува во Италија.

На видеото од настанот, кое се рашири и на социјалните мрежи, се гледа како премиерот на Велика Британија, Риши Сунак, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и канадскиот премиер Џастин Трудо го поздравуваат Шолц. Тогаш им се придружува и американскиот претседател Џо Бајден.

Кога Фон дер Лајен му кажува на Бајден дека му е роденден на Шолц, тој прашува: „Му испеавте ли роденденска песна?“ Потоа вели: „Во семејството Бајден се пее ‘Среќен роденден’ на роденденот“.

Потоа, лидерите почнуваат да му пеат „Среќен роденден“ на Шолц, кој им се заблагодарува за нивниот гест.

Олаф Шолц ја извршува функцијата канцелар на Германија од декември 2021 година. Тој е член на Социјалдемократската партија на Германија (СПД). Пред да стане канцелар, Шолц имаше неколку клучни политички функции, вклучително и вицеканцелар и министер за финансии во коалициската влада под канцеларката Ангела Меркел од 2018 до 2021 година.

На самитот заедно со Џо Бајден, Риши Сунак, Џастин Трудо, Олаф Шолц, Емануел Макрон и Урсула фон дер Лајен, учествуваат и јапонскиот премиер Фумио Кишида и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

На самитот учествуваат и лидери на 10 други земји, вклучително и Индија.

- Реклама -