Следната недела Марк Закерберг ќе одржи говор пред дипломците на универзитетот Харвард. Во очи на говорот, основачот и извршниот директор на Facebook објави многу соодветно видео, на кое е фатен моментот кога Закерберг го отвара мејлот во кој е известен дека е примен на престижниот универзитет.
Видеото е насловено „Марк добива вест од Харвард“ и е снимено од татко му Едвард, кој очигледно бил многу повозбуден од веста од својот син.
Џабе радоста на татко му – по професија доктор, бидејќи само две години подоцна, Марк Закерберг ќе го напушти универзитетот за да работи на својот проект, тогаш првично наречен Thefacebook.
За волја на вистината, колку и да бил разочаран тогаш, денес татко му нема проблем со таа одлука. Минатата година тој изјави дека чувствува „огромна гордост“ околу начинот на кој работи Facebook. Да не зборуваме дека младиот Закерберг во моментов тежи над 60 милијарди долари и е еден од најмоќните луѓе на планетата.
Освен тоа, основачот на Фејсбук ќе биде и најмладиот во долгата историја на Харвард кој ќе одржи говор пред дипломците. Згора на тоа, конечно и самиот ќе добие диплома од универзитетот.