
Поддржувачи на Артан Груби се собраа пред Основниот кривичен суд во Скопје
Денес, пред Основниот кривичен суд во Скопје, се собраа поддржувачи на Артан Груби со цел да го испратат поранешниот вицепремиер по одредувањето на неговата мерка куќен притвор. По изработката на решението, тој беше префрлен во полициско комбе без лисици и упатен на адресата каде што ќе ја издржува мерката. Дел од присутните се обраќаа со „О кинг, о шеф“, додека тој го напуштеше судот.
Судијата на претходната постапка го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство во Скопје, како и одбраната, за замена на претходно утврдената мерка притвор со куќен притвор. Оваа мерка подразбира 24-часовен надзор од страна на Министерството за внатрешни работи, како и одземање на патната исправа со забрана за добивање нов документ за преминување на државната граница.
Обвинителството истакна дека предлогот за поблага мерка е поднесен со оглед на фактот што голем дел од доказите се обезбедени, осомничениот доброволно се пријавил на органите на прогонот, а постојат индиции дека неговата безбедност во притворското одделение не може целосно да се гарантира, како ни безбедноста на членовите на неговото семејство.
Основното јавно обвинителство во Скопје води истрага против Груби, во врска со сомнежи дека како раководител на владина седница го одобрил барањето на Државната лотарија за јавна набавка на ВЛТ-терминали, иако институцијата не имала законско право да организира игри на среќа. Тој е осомничен за кривично дело „проневера во службата“.
Постапката против него беше иницирана по одлуката на Стејт департментот на САД да го вклучи на „црната листа“, поради основани сомнежи за вмешаност во коруптивни активности и влијание на судски предмети поврзани со поранешниот директор на тајните служби, Сашо Мијалков. На решението за куќен притвор странките имаат право да поднесат жалба пред Кривичниот совет.



