ВИДЕО: На 12 години го надраснал татко му, а денес е висок 231 сантиметар

Тој и Џорџ (Георге) Мурешан – највисокиот играч во историјата на НБА, имаат две заеднички работи. Едната е сонот да играат во НБА. Другата е висината – 231 сантиметар.

Сепак, за разлика од Мурешан, кој на 22 години замина од Романија во САД, Роберт Боброчки таму се најде уште пред да го прослави своето полнолетство.

Боб, како што го викаат соиграчите на институтот Spire во Охајо, е роден на 17 јули 2000-та година во Арада. Вниманието на јавноста го привлекол уште на 8-годишна возраст. Не дека можело да биде поинаку – уште тогаш ја имал надраснато мајка му Брунхилда – висока 188 сантиметри, поранешна одбојкарка и ракометарка. На неполни 12 години, Боб бил висок колку татко му Зигмунд – професионален кошаркар – 218 сантиметри.

Низ поголемиот дел од животот Боб бил подложуван на бројни испитувања и медицински тестирања, бидејќи се сомневале дека пати од хормонско пореметување. На крајот сепак се покажало дека неговата висина се должи едноставно на генетиката.

По доаѓањето во Охајо станал ѕвезда уште пред да го изигра првиот меч. Ретко успевал да помине улица или да стигне до кампусот без десетици минувачи да му побараат селфи. Поради висината, се разбира. Тој пак, не сака да се слика со обожаватели, бидејќи, како што вели, „не сака да биде само трофеј на нивните Фесјбук и Инстаграм профили“.

Иако игра средношколска кошарка, Боб има големи проблеми со моториката. Со неговата висина не успева да натрупа доволно килограми за неговото тело да ја има потребната цврстина и мускулатура.

И додека Романците можеби се надеваат на уште идна ѕвезда во НБА, шансите дека тоа ќе се случи не се така ветувачки. Боб едноставно е неподготвен за такво нешто. Меѓутоа, едно нешто е сигурно – со секое мускулно влакно во своето тело работи на тоа. Практикува извонреден режим од 5.000 калории дневно, и секојдневно тренира на зајакнување на скелетот и мускулите.

- Реклама -