Во саботата во централна Кина, за помалку од 10 секунди, со контролирана експлозија беа срушени 19 згради.
Според Hubei Daily, зградите имале од 7 до 12 спрата. Операцијата е изведена малку пред полноќ во Hankou, провинцијата Hubei. Тоа е воедно и најголемиот проект со имплозија на згради во досегашната историја на земјата. Операцијата опфати површина од 15 хектари, а беше изведена со повеќе од 5 тона експлозив, поставен на 120.000 стратешки локации. Оваа беше третата имплозија во областа, со што вкупно досега се срушени 32 згради.
Целта е да се направи простор за модерен бизнис кварт, кој ќе вклучува подземни тунели, подземни комплекси, а и една од највисоките згради на светот – со 707 метри (за споредба, Бурџ Калифа е висока 830 метри).
Ванг Чугванг – експерт за имплозија на Кинеската академија за инженеринг, за локалниот весник рече дека ова е првиот ваков обид во Кина да се сруши голем комплекс од згради во така прометна урбана област. Се работи за комплекс во центарот на градот, па изведувачите мораа да внимаваат да не оштетат ништо во близина, вклучувајќи го и уличното осветлување и електричните бандери.
„Користевме 5 тона експлозив поставен на 120.000 локации. Секоја експлозија се случуваше на интервал од неколку микросекунди. Ефектот беше идеален. Експлозијата не оштети ништо во околината“, рече Јиа Јонгшенг – директор на компанијата изведувач.
Користејќи техника на имплозија наместо традиционалниот пристап на демолиција, градот заштедил повеќе од 4 месеци на подготовка на просторот за изградба на новиот бизнис кварт.
https://youtu.be/ziwAC_9ZqF8