Вест Хем ја прекина победничката серија на Њукасл Јунајтед


Во натпреварот од 12. коло на англискиот фудбалски шампионат, Вест Хем Јунајтед на гости го победи Њукасл Јунајтед со 2:0, со што стави крај на победничката серија на „Страчките“ од три натпревара.

Тоа беше и прва победа на „Чеканите“ во последните шест натпревари.

Домашните добро влегоа во натпреварот и во петтата минута Њукасл ја затресе противничката мрежа. Погоди Александр Исак, но голот беше поништен поради офсајд. Пет минути подоцна дојде шок за домашните навивачи. Емерсон нафрли од корнер, а Томаш Соучек со глава погоди за 1:0.

Њукасл Јунајтед можеше да израмни во 36. минута, Ентони Гордон собра една одбиена топка во шеснаесетникот и упати удар ниско кон средината на голот, но Лукаш Фабијански реагираше рефлексно. Четири минути подоцна одлична прилика уништи Александр Исак со лош удар. Победата на гостите ја потврди Арон Ван-Бисака во 54. минута.

И покрај победата, лондонскиот тим остана на 14. место со 15 бодови, додека Њукасл Јунајтед падна на десеттото место со три бода повеќе.

На врвот е Ливерпул со 31 бод, осум повеќе од актуелниот шампион Манчестер Сити, а следат Челзи, Арсенал и Брајтон.

- Реклама -