Вештачката интелигенција се заканува со губење на 8 милиони работни места во Велика Британија

Речиси осум милиони работни места во Велика Британија би можеле да бидат изгубени поради вештачката интелигенција, според извештајот кој предупредува дека жените, помладите работници и оние со пониски плати се во најголем ризик од губење на работата.
Институтот за истражување на јавни политики (IPPR) утврдил дека почетните, хонорарните и административни работи се најизложени на замена од вештачката интелигенција според „најлошото сценарио“ за воведување на нови технологија во следните три до пет години, известува „Guardian“.
Се повеќе компании усвојуваат генеративни „AI“ технологии за автоматизација на секојдневните задачи на работното место. Во извештајот се вели дека веќе актуелниот прв бран на усвојување на вештачката интелигенција ги доведува во опасност работните места, додека следниот бран би можел да доведе до автоматизација на повеќе работни места поради брзиот напредок на вештачката интелигенција.
Анализирајќи 22.000 работни задачи во сите видови на работа во економијата, „IPPR“ заклучува дека 11 проценти од задачите кои моментално ги вршат работници се загрозени. Тоа, меѓутоа, би можело да се зголеми на 59 проценти од задачите во вториот бран, бидејќи технологиите се развиваат за ракување со сè посложени процеси.
Моментално најизложени се задачи како управување со база на податоци, планирање и попишување, што потенцијално ги загрозува почетните работи и оние со неполно работно време во администрацијата и корисничките служби. Меѓутоа, вториот бран на усвојување на вештачката интелигенција би можел да влијае на нерутинските задачи кои вклучуваат создавање на база на податоци, пишување на текстови и графички дизајн, што би влијаело и на работите со поголема заработка. Жените би биле позначајно погодени, бидејќи „е веројатно дека ќе работат во најсложените професии, како административните професии“.

Извор