Верешчук: Денешните експлозии се потсетник на кого му припаѓа Крим

Заменичката на украинскиот премиер, Ирина Верешчук, денеска алудираше дека експлозиите во близина на руската воена база на Крим се предизвикани од напад на украинската армија.

„Денешните експлозии во Новофедеривка се уште еден потсетник на тоа на кого му припаѓа Крим. Ѝ припаѓа на Украина“, напиша Верешчук на Телеграм.

Претходно, „рускиот амбасадор“ во самопрогласената Народна Република Луганск, Родион Мирошник, на Телеграм објави две видео-снимки на кои се гледаат силни експлозии во близина на селото Новофедоривка, лоцирано во западниот дел од анектираниот украински полуостров Крим, на околу 200 километри од бојното поле. Според очевидци, се слушнале најмалку 12 експлозии со различен интензитет.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека на аеродромот Саки експлодирала авионска муниција, но дека, наводно, сè уште не е утврдена причината.

Прочитајте и:  Орбан: Европските компании плаќаат четирикратно повеќе за енергија од американските, ЕУ мора да ги преиспита санкциите против Русија

„На 9 август, околу 15 часот и 20 минути, на територијата на аеродромот Саки во близина на населбата Новофјодоровка експлодирале повеќе парчиња авијациска муниција. Во експлозиите нема повредени“, наведе во соопштението руското Министерство за одбрана.

Извор: МИА

- Реклама -