Жозе Мурињо веќе не е омилен лик на „Сантијаго Бернабеу“, навивачите му упатуваат свирежи, а тој возврати дека дури и португалскиот тим Леирија има подобри фанови од Реал Мадрид, па оттаму и шпекулациите дека Арсен Венгер ќе го замени.
Веќе ова лето треба да има промена на клупата на „кралевите“, а Флорентино Перез смета дека Венгер има „лек“ за играта на Барселона. Всушност, да создаде речиси идентична брза игра со многу додавања, со која Реал Мадрид ќе може да им парира на Меси и на соиграчите.
Шпанските и англиските медиуми почнаа со приказните за наследникот на Жозе Мурињо, иако тој се уште ја има довербата на раководството на Реал Мадрид. Но, сигурно е дека „кралскиот клуб“ нема да си дозволи да го промени Португалецот на средина на сезоната, ќе го остави да ја одработи докрај, а потоа ќе има детална анализа и ќе следи конечната одлука.
Засега, од оваа гледна точка, со „минус“ од 13 бодови во однос на Барселона, Мурињо е многу поблиску до заминување отколку до останување на клупата на Реал Мадрид, a ПСЖ денеска и официјално ја истакна својата намера да ги купи во летниот преоден рок и Жозе Мурињо и Кристијано Роналдо. Поради ова, Арсен Венгер е дефинитивно еден од сериозните кандидати за нов тренер на „Сантијаго Бернабеу“.