Арсен Венгер е задоволен што ја ужива довербата на сопственикот Стен Кроенке, и вели дека посакува да остана во Арсенал засекогаш.
Французинот, кој на 1. октомрви ќе слави 17 години на кормилото на ’Топџиите’, е обврзан кон тимот од Емирати Стадионот до крајот на сезоната.
Лидерите на Арсенал веруваат дека Арсен Венгер е правиот човек за работата и најавија дека ќе му понудат нов договор.
Мнозинскиот сопственик на ’Топџиите’, Стен Кроенке за Daily Telegraph утрово рече: „Мислам дека Венгер одлично си ја врши работата”.
„Секогаш сме му давале подршка, никогаш не сме се колебале, горди сме на него, горди сме на клубот, на начинот на кој е воден клубот и како стои помеѓу останатите во светот”.
Запрашан дали Венгер останува дел од долгорочните планови, Кроенке рече: „Токму така. Арсен знае што сакаме, каква е нашата филозофија, што сакаме да направиме и мислам дека сме на иста бранова должина”.
За ваквите зборови на Кроенке, менаџерот на Арсенал попладнево на прес-конференција рече: „Чест ми е што ја имам поддршката на Стен”.
„Огромен глас на доверба е тоа што тој мисли дека можам да му помогнам на клубот”.
„Но како што кажав, во моментов се фокусирам на сезоната и мојата иднина е во втор план”.
„Една добра работа околу мене е тоа што не се потребни многу преговори за да го продолжма договорот. Сепак, не можам да кажам кога тоа ќе се случи, веројатно кога ќе пронајдеме време”.
За 17 годишниот престој во Арсенал, Венгер рече: „Искрено, би сакал да останам тука засекогаш бидејќи на тој начин ќе бидам безсмртен!”
„Но не сум доволно наивен за да верувам во тоа. Сакам само да го давам најдоброто од себе се додека сум дел од овој клуб, бидејќи го сакам Арсенал”.
Teкстот е објавен во соработка со 24fudbal.mk