Локалните власти во Венеција забранија отварање на нови објекти за брза храна, вклучувајќи и ќебапчилници и „донерџилници“. Целта е да се заштити културното наследство на градот и неговиот романтичен дух.
Новиот закон, кој стапи во сила во понеделникот, го ограничува и бројот на локали од кои може да се купи пица на парче. Затоа пак, управата на градот ветува дека ќе бидат создадени многу нови области за излети, за да не се шетаат туристите со храна низ улиците. Единствено во привилегирана позиција ќе останат само продавачите на сладолед.
Градоначалникот Луиџи Брунаро одамна беше во потрага по истомисленици по овие прашања. Очигледно, ги најде.
„Сакаме да ги повлечеме сопирачките на секоја активност која не е во согласност со заштитата и развојот на венецијанското културно наследство“, изјави Паола Мар, општински советник за туризам во градот.
Таа додава дека најромантичниот италијански град нема ништо против донерот, ќебапите и другата брза храна, и нема проблем луѓето да јадат надвор. Додуша, на плоштадот Сан Марко строго е забрането да се консумира каква и да е храна.
„Проблемот е што туристичките градови како нашиот се соочуваат со ризик да го изгубат својот идентитет. Има локални производи, кои треба да се обидеме да ги промовираме”, аргументира Мар.
Венеција е уште италијански град кој ги забранува локалите за брза храна за сметка на наметнување на уникатната национална кујна. Минатата година и Верона го забрани донерот, а Фиренца презема мерки за забрана на „странска храна“ – издаде наредба дека сите ресторани во историскиот центар мораат да сервира минимум 70 проценти италијанска храна.
Бројот на туристи во Венеција постојано се зголемува, а тоа веќе почнува да ги иритира локалните жители. Минатата сезона за прв пат ширум Венеција осамнаа плакати со натписи: „Туристи, одете си! Ни го уништувате градот!“.
Властите веќе неколку години се обидуваат да го намалат приливот на гости. Меѓу другото, ги тераат туристите подолго да чекаат за возење со „водно такси“ (vaporetto), а згора тоа задоволство им го наплаќаат 6 евра поскапо отколку на локалните жители. Во моментов се разгледува и нова мерка, со која ќе се воведе посебна такса за туристите кои сакаат да го посетат Пјаца Сан Марко.