Венеција сака да продолжи да наплаќа такса за туристите на еднодневен излет, откако на крајот од оваа седмица ќе заврши пробниот период на првата ваква програма во светот, пишува во петокот германската агенција dpa.
Венеција има намера да ја земе предвид побарувачката и да ја удвои сегашната цена од пет на 10 евра при специјалната посета на италијанскиот град на јадранскиот брег, изјави за локалните медиуми Микеле Зуин, градскиот советник задолжен за финансии.
Речиси едномесечниот пробен период на градот му донесе повеќе од два милиона евра. Во некои денови евидентирани се и над 25.000 туристи кои платиле такса.
Во напис за весникот Il Gazzettino, Зуин вели дека од 2025 година натаму „основната стапка“ ќе важи за еднодневните посетители во еден дел од годината. Сепак, во текот на „критичните денови“ туристите ќе треба да платат максимална такса од 10 евра.
Градот не планира веднаш да објави официјален извештај по оваа сабота и недела. Прво ќе се евалуираат собраните податоци. Во пробниот период, во периодот од 08:30 до 16 часот, се наплаќа такса од пет евра. Посетителите можеа да добијат QR код преку интернет, кој служеше како доказ за плаќање.
Се проценува дека околу 15 милиони туристи пристигнуваат во Венеција секоја година, што го прави еден од најпосетуваните градови во светот. Масовниот туризам значи големи приходи за градскиот буџет, но предизвикува и значителни штети.