Швајцарците не сакаат да ѝ издадат државјанство на Ненси Холтен – активистката која водеше јавна кампања против одредени „швајцарски традиции“ кои според неа ги прекршуваат правата на животните. Образложението е дека населението во кантонот Аргау (каде што таа живее) е навредено од нејзината „досадна“ кампања.
Според досегашниот тек на настаните, нејзините сограѓани се на мислење дека Ненси Холтен е чекор понапред од останатите активисти кои обично имаат „поздраворазумски барања“ (а и државјанство). Имено, Холтен јавно се спротивстави на „швајцарската традиција“ на ставање на ѕвонци околу вратот на кравите, а и против трките со прасиња што се одржуваат во земјата.
„Звукот на тие ѕвона е ужасен, можеме да го споредиме со јачината на звукот на пневматска бушалка. Замислете вам такво нешто секогаш да ви виси близу ушите. Животните околу вратот носат 5 килограми. Тоа предизвикува триење и опекотини на кожата“, се аргументите на Холтен, инаку веганка.
На нејзините сограѓани не ѝ се допаднаа ваквите нејзини изјави во медиумите, па оттаму и проблемот со добивање на документите. Ненси е со потекло од Холандија, ама во Швајцарија живее од свои 8 години. Нејзините деца имаат швајцарско државјанство. Нејзиното е проблематично затоа што во Швајцарија локалното население има право да гласа кога се работи за ваков тип барања.
Ненси прв пат се обиде во 2015-та година, и иако локалните власти ја прифатија нејзината натурализација, беше одбиена од 144 од вкупно 206 жители што гласаа. Вториот обид ѝ го одбија во ноември 2016-та година, со тоа што случајот е пратен до кантонските власти, па со тоа уште постојат шанси за одобрување.
Холтен го демонстрира својот здрав начин на живот (не сме импресионирани):
https://youtu.be/h9YM5GFeNxk
Во меѓувреме, активистката се брани дека намерата не ѝ била да ја нападне швајцарската традиција, туку дека е мотивирана исклучиво од желбата за заштита на правата на животните. „Швајцарија е мој дом и место каде живеат моите пријатели, роднини, тука ми е работата“.
Претседателката на Швајцарската народна партија, од друга страна, тврди дека Холтен има „долг јазик“ и дека населението не сака да ѝ даде државјанство „ако ги нервира и не ја почитува нивната традиција“.
Па ете, добар пример за тоа дека некои активисти страшно знаат да претераат, ама и за клекнатоста на поединецот пред директната демократија.