Скопје денеска ќе биде домаќин на најдобрите европски атлетичари. За прв пат во историјата во Скопје ќе се избираат најдобрите атлетичари во Европа за 2024 на престижната манифестација „Golden Tracks Skopje 2024” на Европската Атлетска Асоцијација.
„Golden Tracks“е симбол на врвниот успех, признание и престиж во светот на атлетиката,манифестација која ги наградува најуспешните атлетичари од цела Европа. Оваа година, за прв пат во три децениската историја на манифестацијата, организатор ќе биде балканска земја.
„Голема е честа да се биде домаќин на една ваква манифестација, како „Golden Tracks“ која е од големо значење за нашата држава, бидејќи не само што ја демонстрира нашата посветеност кон атлетиката, туку и ја покажува нашата сериозност и подготвеност да дејствуваме согласно европските стандарди. Преку овој настан, ги промовираме нашите традиционални вредности и освојуваме доверба, што потврдува дека нашите напори се забележани“, истакна Александра Војнеска-Зикова, потенцирајќи ја важноста на овој настан кој придонесува за развој на меѓународната соработка односно за унапредување на спортската дипломатија како и можност за промоција на Република Македонија.
На настанот ќе се обединат повеќе од 300 истакнати личности, претставници на 51 федерација од цела Европа, вклучувајќи претседатели на национални атлетски федерации во чии редови се наоѓаат многу светски и европски звучни имиња носители на медали во атлетиката, како и најуспешните во атлетскиот спорт во Европа – имиња кои пишуваат историја во атлетиката, светски рекордери во своите дисциплини.
На настанот присутни ќе бидат Лорд Себастијан Коу, претседател на Светската атлетска асоцијација, како и претседателот на Европската Атлетска Федерација, Добромир Карамаринов, претстедателот на владата Христијан Мицкоски и Министерот за спорт, Борко Ристовски.
Овој светски настан ќе се емитува во живо на МРТ 3 со почеток во 20 часот.