Ватикан обучува егзорцисти: Драстичен раст на опседнувањата од демони

Наводно, Ватикан воведува нов тренинг курс за егзорцизам. Тоа се должи на, повторно наводно, нагло зголемениот број на случаи на демонски опседнувања.

Како што соопшти Бенињо Палиља – сицилијански свештеник и егзорцист, за Радио Ватикан, во Италија има по 500.000 пријавени случаи на опседнувања годишно. Тоа значи дека побарувачката за свети луѓе што истеруваат ѓаволи е тројно зголемена.

Според Палиља, зголемената демонска активност се должи на сé поголемиот број луѓе што бараат услуги од тарот читачи и претскажувачи на судбината. Овие пракси, според црквата, „ја отвараат вратата за ѓаволот и за опседнување“.

Сепак, свештеникот истакнува и дека многу од пријавените случаи всушност се поврзани со спиритуални или психолошки проблеми, а не толку со Ѓаволот лично.

Во Италија низ годиниве наводно е зголемена и побарувачката на услуги на астролози; според организацијата на потрошувачи Codacons, една четвртина од Италијанците редовно посетуваат астролози, гледачи на карти или претскажувачи на судбината.

И модерното вештерство доживува камбек, пред сé благодарение на разни Инстаграм профили посветени на спиритуални пракси (Hood Witch, на пример).

Егзорцизмот, пак, е признаен од канонските закони, а во 2014-та, Ватикан ѝ даде и официјална поддршка на Интернационалната асоцијација на егзорцисти. Асоцијацијата има околу 400 членови, од кои 240 се во Италија. Ако му веруваме на Бенињо Палиља, не се доволни.

- Реклама -