На кандидатите за членство во ЕУ мора да им понуди кредибилен пристапен пат кој ќе донесе резултати во реформскиот процес и ќе го затвори економскиот јаз, изјави денеска европскиот комесар за проширување и соседство Оливер Вархеји.
Во објава на мрежата „Икс“ по обраќањето до амбасадорите на ЕУ, Вархеји рече дека проширувањето стана стратешки одговор на Унијата за да се донесе мир, стабилност и просперитет во фрагментираниот свет.
Вархеји денеска говореше на годишната Конференција на амбасадорите на ЕУ, што се одржува од 6 до 10 ноември во Брисел.
На конференцијата учествуваат амбасадори на ЕУ од 145 делегации и канцеларии на ЕУ ширум светот, како и шефови на воени и цивилни мисии на ЕУ и шефови на претставништва на Европската комисија од сите 27 земји-членки.
На седниците се разговара за надворешната политика на ЕУ во новата геополитичка ера, иднината на безбедноста и одбраната на ЕУ, проширувањето и комплетирањето на Унијата, Глобалната порта на ЕУ, одговорот на ЕУ на кризи, подемот на Кина, борбата против климатските промени и зелената транзиција…
МИА