Македонскиот шампион, Вардар одигра далеку подобар натпревар од оној во Букурешт, но Романците и овој пат се радуваа на победа.
Вардар го поправи впечатокот, но доживеа уште еден пораз од Стеауа, овој пат Црвено-црните загубија со 2-1.
Нашиот претставник подобро го започна натпреварот, имаше иницијатива, но не и посериозна закана кон голот на гостите.
Како одминуваше времето Стеауа ја превземаше играта и почна да се заканува кон голот на Павловиќ.
Резултатот беше отворен во 23. минута кога Пивокари реализираше за водство на Стеауа од 1-0.
Во судиското продолжение од првото полувреме, по убава асистенција од Хименез, Јован Костовски постигна одличен погодок со глава за изедначување на резултатот на 1-1.
Вардар го крена нивото на игра во вториот дел, создаде неколку убави шанси за погодок но не успеа по втор пат да ја затресе мрежата на противникот.
По еден контра напад, Бурчеано погоди во 72. минута и го врати водството на Стеауа.
Во судиското продолжение Јован Костовски излезе еден на еден со голманот Татарушану кој искочи како победник во овој дуел.
Стеауа закажа дуел со Динамо Тбилиси во следното квалификационо коло, Вардар ќе се насочи кон домашните обврски и натпреварот против Тетекс во Супер Купот.
Натпреварот го одбележаа и сериозни инциденти кои се случуваа пред Арената Филип Втори, навивачката група на Вардар, Комити се судри со полицијата.
Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал