Сопственикот на ЖРК Вардар, Сергеј Самсоненко, кој во клубот има функција спортски директор, како и директорот Давор Стојаноски, потпишаа договор за изградба на СЦ „Јане Сандански“ со општина Аеродром.
Од ова најверојатно може да се заклучи дека ЖРК Вардар во иднина ќе го промени домот и заедно со МЗТ Скопје ќе настапува во новиот спортски центар „Јане Сандански“ во Аеродром.
Во просториите на општина Аеродром денеска беше потпишан договор за изградба на Спортскиот центар „Јане Сандански“. Фирмата што ќе го гради спортскиот центар „Јане Сандански“, а избрана е преку јавна набавка како партнер-инвеститор.
Ќе се гради комплетно нов спортски центар со капацитет за 5.000 гледачи, на местото на сегашната сала „Јане Сандански“ во која МЗТ Скопје ги играше своите натпревари од домашното првенство. Во главната повеќенаменска сала ќе може да се вежба кошарка, ракомет, мал фудбал и одбојка, а според проектот ќе се изгради и помошна сала со капацитет за околу 1.000 гледачи.
Беше претставен и целиот проект. Предвидената површина за градење е околу 11.000 м2, а максималната височина ќе биде 34 метри. Салата ќе биде висока 21 метар. Спортскиот центар „Јане Сандански“ е предвидено да се гради според сите стандарди на ФИБА и на ЕХФ. Ќе има и 500 места за паркирање.
Се планира изградба и на хотел со ресторан за гостинските тимови, кој ќе биде поврзан со салата и други содржини како продавници, сала за состаноци, вип зони, блок за медиуми, административен дел, амбуланта за спортисти и гледачи, сите неопходни простории за судии и за натпреварувачи, билетарница, гардероби и тоалети.