Вардар прави крупен чекор за развој на младинскиот фудбал, клубот преку јавен оглас ќе отвори регионални центри низ Македонија.
ФК Вардар, РК Вардар и ЖРК Вардар започнуваат голем проект за развој на младинскиот спорт и своите клупски школи.
Преку јавен оглас кој ќе биде распишан на 15. август, Вардар отвара регионални центри низ цела Македонија.
„ Проектот има за цел да го развие младинскиот спорт во фудбалот и ракометот. Ги повикуваме сите спортски работници од областа на фудбалот и ракометот да аплицираат на огласот кој ќе го објавиме во понеделник и кој ќе трае до 15-ти август, доколку ги исполнуваат сите критериуми пропишани во огласот да се отповикаат и заеднички да започнеме нешто што за прв пат се организира во нашата држава.“ – изјави извршниот директор на Ф.К. Вардар, Самоил Симев.
„Проектот има за цел да го развие младинскиот спорт, ќе наведам дел од критериумите кои апликантите конкретно во фудбалот ќе треба да ги исполнат, ќе се бара тренер со минимум пет години работно искуство со младински категории, истиот тој тренер ќе мора да има минимум тренерска Б лиценца и она што е најважно да ни докажат дека имаат обезбедено закуп на фудбалски терен и минимум 10 термини за тренинг во текот на една седмица каде што би се одвивал тренажниот процес.“
Проект менаџер на фудбалскиот дел од проектот е директорот на младинските категории на ФК Вардар, Горан Митев.
„ Очекувам голем одзив и интерес од страна на сите кои се инволвирани во фудбалот, бидејќи ваков начин на соработка прв пат ќе се имплементира во Македонија, а тоа е единствен предуслов за да ги оформиме и најстручно да ги оспособиме младите таленти. После објавувањето на огласот, ќе се формира комисија каде што таа комисија ќе ги анализира сите пристигнати апликации и со најдобрите апликанти кои ќе ги исполнуваат условите кои ќе бидат наведени во огласот на најтранспарентен начин ќе се потпише договор за соработка.“ – изјави Горан Митев.
Текстот е објавен во соработка со 24fudbal.com.mk.