Рамковниот си ја заврши својата работа, ако сакаме понатаму треба да се соочиме и еднаш мора да излеземе од стравот да разговараме за Рамковниот договор и 2001 година, вели во интервју за МИА професорката Билјана Ванковска, кандидат за претседател на Левица.
Прво што би направила е раскинување на договорот со Бугарија, како и отворање на уставна дебата и процедура за промена на целиот Устав, не, како што вели „овде ќе закрпиме, овде ќе залепиме или ќе додадеме“, туку комплетно нов Устав.
Главна цел, Ванковска вели е да покаже колку сме различни и да го деконструира концептот на „сите се исти“. Смета дека главен адут и фактор на изненадување се луѓето кои одбиваат јавно да кажат која е нивната политичка преференца, а кои, како што вели, се препознаат во она што тие го говорат.
Во однос на Левица, Ванковска вели дека, иако не е член на партијата, меѓу нив постои една синергија и природна хармонија, што ќе се види и во програмата и во настаните.
– Билјана Ванковска е родена како левичарка, практично ако зборувам за социјалното, класното потекло работничко. Порасната сум во социјалистички систем, очигледно велам мојата најблиска околина била таква, живеам во работничко маало, тоа е изградено по земјотресот каде што работниците на „Нова Македонија“ добија бараки и таму останав да живеам, така што секаде сум опкружена со она што можеби со застарен сега речник би го нарекла работничка класа. Така што ние се најдовме што се вели без многу да трагаме еден по други и вистина е дека јас бев еден од потписниците при основањето на Левица затоа што бев среќна што на политичката сцена која јас ја разбирам баш во онаа плурална смисла – мнозинска, значи спектарот на понуди кои треба да им се даде на граѓаните, сметав дека тоа е добар чин, убаво едно придвижување, бидејќи тенденцијата беше и се уште е за жал да сите некако во центар се групираат, па потоа викаат центар – лево, центар – десно. Така што, да – мислам дека ќе покажеме и низ кампањата дека застапуваме леви политики, вели Ванковска.
Во целиот овој процес, Ванковска, нагласува дека оди чекор по чекор и дека нејзина главна цел е да покаже колку се различни и да го деконструира концептот на „сите се исти“.
– Сега во овој дел, во делот на кампањата мојата главна цел е да покажам колку сме ние различни од сето она што постои на политичката сцена. Веќе реков, во Македонија не можете да најдете десно, лево, центар. Се е тоа некој бленд, микс, мислам дури и дека нема идеологија. Кај нас има идеологија. Некои тоа ќе го наречат идеали или некои викаат нели „само будале гину за идеале“, еве ние ако треба и ќе загинеме што се вели во битката. Меѓутоа, идејата да го деконструираме оној владејачки дискурс и концепт за општеството во кој постојано ни велат нема алтернатива за ова, нема алтернатива за ова и на крај граѓанинот е пасивизиран и вика „сите се тие исти“, сите едното исто на еден или друг начин го преповторуваат, веќе се здодевни, не им веруваме, ветуваат мед и млеко дека ќе тече, а не е така или одиме утре задутре во Европска унија или НАТО требаше да ни донесе благосостојба. Мојата задача овде, јас дури сега се дефинирам не знам колку е скромно или не, ама јас се дефинирам како некој што ја кажува вистината. Значи, без оглед која е цената и како тоа јавноста ќе го прими, јас мислам дека јавноста заслужува нештата да се кажат без ракаваци, без обланди, без розови очила и пакување на нештата, така што во оваа фаза е тоа. Ако јас допрам со кажувањето на вистината, со работите директно такви какви што се не избегнувајќи како противкандидатите – да ама под услов итн., мислам дека тоа е вистинскиот начин, да бидете автентичен, да зборувате со аргументите на здравиот разум и граѓаните тоа го препознаваат, појаснува Ванковска.
Таа вели дека ќе прифати дебата, секаде каде ќе биде поканета и посочува дека нејзина јака страна е токму умешноста вербално да се изјасни и да ги каже работите како што се, но, како што вели, доколку кандидатите прифатат дуел.
– Не е коректно некој да ве отпише во стартот, а притоа да избегнува дебата. Значи, јас многу би сакала да разговарам на еднаква нога бидејќи ние еднакво собравме потписи освен колешката Силјановска која отиде со 30 потписи од пратеници, меѓутоа ние сите формално правно сме еднакви. Значи, јас би требала да имам еднаква шанса да разговарам со претседателот Пендаровски, со министерот Бујар Османи, со градоначалниците итн. Јас сум единствен кандидат кој доаѓа од академската средина без политички багаж, без никаква политичка функција зад себе и мислам дека тоа би било интересно за гледање за нашите гласачи, нагласи Ванковска.
Најавува скромна кампања, без спектакуларни митинзи, бини, огномети, карвани со автобуси. -Сето тоа што досега го виделе ние нема да го имаме вели Ванковска, и нагласува дека сепак ќе биде видлива и препознатлива – на сите можни начини од делење флаери, средби со граѓани, некој посебен весник, малку билборди…
Прашана од кого очекува поддршка на изборите, Ванковска вели дека во текот на кампањата се обидуваат на една социјално-класна основа да допрат до луѓето, а како фактор на изнендување ги смета луѓето кои не сакаат јавно да се експонираат.
-Ќе бидам сосема искрена да кажам дека тука лежи оној адут на кој ние сметаме и мислам дека ќе изненадиме и тоа многу. Токму доаѓам од неколку места каде што имав некои практични работи да завршам пред ова интервју во кои луѓето приоѓаат и велат јас намерно не ставам лајк на вашиот профил или на Левица, намерно не се експонирам, меѓутоа јас сум за вас затоа што се плашат, тие имаат бизниси, имаат работни места некогаш и по институции. Левица е некој вид, јас велам баукот на левицата лета над Македонија, така што многу од тие луѓе кои одбиваат јавно да кажат која е нивната политичка преференца ќе се препознаат во ова што ние го говориме и мислам дека и за мене и за партијата ќе го дадат својот глас, така што тоа е факторот на изненадувањето, изјави Ванковска.
Според Ванковска, Рамковниот договор си ја завршил својата работа, а ако сакаме понатаму треба да се соочиме и отвориме дебата, а не тој да се смета како табу тема и нешто за што не смее да се разговара.
-Ванковска е за една нормална демократија. Еве, почнувам од Рамковниот. Тој си ја изврши својата функција во едно драматично време, беше наметнат однадвор како наводно мировен договор имплементиран делумно во Уставот. Дваесет години Рамковниот покажа дека од час во час ние завлегуваме во една либанизација, во една уште уставно втемелена етничка сегрегација која веќе доаѓа до апсурд, веќе немате ниту една институција која можете да ја конституирате без да го имате и етничкиот фактор. Во граѓанските држави, во вистинските демократии каде што демосот, граѓанинот владее тоа не е природна работа, така што мојата поента е дека Рамковниот договор си ја заврши својата историска функција и ако сакаме понатаму треба да се соочиме или одиме во бинационална федерална или федерализирана држава или ќе се вратиме и ќе бидеме како нормалните држави, изјави Ванковска.
Според Ванковска, тоа е доведено до ситуација на политика на уцена во која македонскиот народ и Македонецот е уценет од сите страни – од надвор го уценуваат и соседи и ЕУ и Америка, дома Албанците, така што, како што вели, фрустрацијата е разбирлива.
Прашана што конкретно предлага, односно кој ќе биде нејзиниот прв чекор, Ванковска рече дека прво ќе го раскине договорот со Бугарија, а потоа ќе отвори дебата за целосно нов Устав.
-Ова што би прво направила би било раскинување на бугарскиот Договор. Тој е наједноставен формално правно, нема тука драматични ситуации, дури не задира ни во францускиот предлог. Што е следната задача на општеството, не само на претседателот, туку јас сега се надевам дека и останатиот дел од политичката структура ќе се свести дека ова води во бесмисла. Притоа, Европската унија се менува во толку лоша насока, толку сама себеси си пукаше во нога со украинската политика, со милитаризацијата, со социјалните протести што ги има внатре што веќе тоа не е онаа Унија што ни ја ветуваа. Така што, ние мора да се свртиме кон сопствените национални интереси и да го издигнеме и оној наш национален дигнитет, достоинство. Впрочем слоганот на кампањата со која одам е „Да си го вратиме достоинството на народот“. Значи, нас не’ згазија и веќе почнуваме да не си веруваме себеси дека било што можеме да смениме, изјави Ванковска.
Според Ванковска не можеме да живееме со страв и потребно е да се разговара за работите какви што се, а не да бидеме заложници на сопствениот страв.
– Јас сум за тоа, претседателот да може да ја отвори таа уставна дебата и процедура за промена на целиот Устав велам, не овде ќе закрпиме, овде ќе залепиме или ќе додадеме Бугари или не знам кого. Нам ни треба комплетно нов Устав. Јас сум, затоа велам една таква радикална дебата. Се разбира, претседателот не може да октроира Устав, кога јас би можела би ви кажала – е ваков Устав сакам. Ама не сум јас таа што се прашува. Значи, постои општество, постои дебата, постојат експерти, постојат заинтересирани групи и мислам дека тоа ќе биде шанса, дури и да не успее. Еднаш мораме да излеземе од стравот да разговараме за Рамковниот договор за 2001, хашките злосторства…, изјави Ванковска.
Прашана од кого очекува дека би можел да и честита победа и дали таа би честитала, Ванковска рече дека, ако има минимум политички бонтон „би требале да си честитаме сите барем дека сме го изоделе патот, дури и да не е победа, дури и да е пораз“.
Ванковска, ветува дека ќе се потруди да има интересна и суштинска дебата, и предупредува дека нејзината проценка е дека мандатот од пет години ќе опфати драматична промена на светот во овој мултиполарен свет.