Вака ќе изгледаат завоите од иднината

mit-stretchy-1-press.jpg__800x600_q85_crop[1]

Нема многу промени во светот на самолепливите завои уште од 1920-та, кога Жозефин Дикинсон и нејзиниот сопруг Ерл залепиле парче газа на парче леплива лента и го измислиле она што кај нас е познато како „Ханзапласт“. Единствениот прогрес на тоа поле е можеби лентата во боја или составот на антибиотикот на внатрешната страна.

Во меѓувреме, тим од механички инженери на универзитетот MIT работи на коренита промена во начинот на кој функционираат завоите. Тие развија завој направен од растеглив, налик на гума, хидрогел. „Проткаен“ со малку електроника и резервоари за лек, овој „паметен“ завој всушност може да ја надгледува раната, да вбризгува лек и да повика доктор кога е потребен дополнителен третман.

Првиот чекор на тимот на професорот Хуанхе Жао бил креирање на хидрогел што ќе се однесува како човечката кожа. За да го постигнат ова, доминантниот состав на материјалот морал да биде вода. Така, во ноември, Жао ги објави резултатите од првиот хидрогел, направен од биополимери и со 90% вода во составот.

Материјалот се лепи на металот или стаклото на електронските делови како што жилите се лепат за коските. „Електрониката обично е тврда и сува, но човековото тело е меко и влажно. Ако сакаш да залепиш електроника во близок контакт со телото, тогаш е препорачливо електронските направи да бидат исто така меки и растегливи, за да одговараат на околината“, објаснува Жао.

Низ хидрогелот на Жао поминува титаниумска жица, за да го направи проводлив. На материјалот има залепена електроника, како температурни сензори, за да може завојот да детектира промени во температурата, што обично е индикација за инфекција. Низ хидрогелот има и избушени канали, кои служат за дистрибуција на локални антимикробиални агенси преку целата рана. Во хидрогелот има и LED диоди, кои се прикачени на сензорите и светат кога раната ќе достигне загрижувачка температура. Згора на тоа, завојот има далечинска контрола, па може да ги алармира докторите преку специјализирана апликација.

Патем, Жао е особено заинтересиран за интерфејсот помеѓу електрониката и човековото тело и работи на тоа да создаде материјали кои што е можно поверодостојно ги имитираат природните движења на човекот. Така, завојот се превиткува на критичните места, како колената или лактите, и држи сé на свое место, како ригидните електронски делови (чиповите), така и флексибилните (жиците).

Завојот чека на одобрување од страна на Американската агенција за храна и лекови, што значи дека за комерцијализација ќе мора да почекаме уште малку. Инаку, една од првите примени би можела да биде при третирање на тешки изгореници, бидејќи кај таквите рани е неопходно да бидат покриени, надгледувани и третирани.

- Реклама -