Утре нов протест за пресудите во „Монструм“, ќе бидат затворени неколку улици

За утре (26.03.2021), со почеток од 13.30 часот, МВР најавува посебен сообраќаен режим во Скопје, поради најавен протест кој ќе започне од паркот во Чаир, а ќе продолжи кон Владата на Република Северна Македонија.

Од тие причини, до завршување на протестот, затворени за сообраќај ќе бидат улиците: „Христијан Тодоровски Карпош“, „Џон Кенеди“, „Цветан Димов“, „Крсте Мисирков“ и бул.„Гоце Делчев“, информираат од МВР.

Претходно, ваквите најави на МВР се однесуваа на протестите против пресудите во случајот „Монструм“. Во петок, од истата појдовна точка, се случи и протестот од пред четири недели, кој резултираше со нереди во кои беа повредени 11 полицајци и еден новинар.

Посебен сообраќаен режим по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје, инаку, ќе има и од денеска, па сѐ до сабота (од 25 до 27 март). Причината, како што информира Министерството за внатрешни работи, е официјалната посета на командантот на Здружените сили на НАТО за Европа – адмирал Роберт Бурк.

Од СВР Скопје апелираат сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.

- Реклама -