Усвоени два нови закони за зајакнување на кибер безбедноста од Советот на ЕУ

Советот на ЕУ денеска усвои два нови закони за зајакнување на солидарноста и капацитетите на Европската Унија за откривање, подготовка и одговор на закани и инциденти поврзани со кибер безбедноста. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, станува збор за регулативи кои се дел од пакетот закони наречен „Акт за кибер солидарност“, чија цел е измена на постојната Директива за кибер безбедност.  

Целта на овие измени е зајакнување на капацитетите на ЕУ, со цел таа да биде поотпорна на кибер заканите, но во исто време и засилување на нејзините механизми за соработка. 

Со денеска усвоените закони, меѓу останатото, се воспоставува „систем за предупредување за кибер безбедноста“, кој е замислен како паневропска инфраструктура составена од национални и прекугранични кибер центри низ целата ЕУ, задолжени за споделување информации, како и за откривање и спречување на кибер заканите.  

Овие кибер центри ќе користат најсовремена технологија, како што е вештачката интелигенција (ВИ) и напредна аналитика на податоци за откривање и споделување навремени предупредувања за кибер закани и прекугранични инциденти, а воедно ќе ја зајакнат и постоечката европска рамка за поефикасна реакција на инциденти поврзани со безбедноста на интернет. 

Прочитајте и:  Вучиќ: Отворен и тежок разговор со Каја Калас

Новите регулативи, исто така, предвидуваат создавање Механизам за вонредни случаи на кибер безбедност, со цел да се зголеми подготвеноста и да се подобрат капацитетите за одговор на инциденти во ЕУ, пред се поврзани со кибер закани по критичните сектори, како здравството, транспортот и енергијата, воведување на услуги за реакции на онлајн инциденти во приватниот сектор во Унијата и во трети земји партнери, како и обезбедување на техничка меѓусебна помош. 

Се оценува дека новите мерки ќе ја зајакнат кибер отпорноста на ЕУ преку превенција, откривање, одговор и закрепнувањето од инциденти поврзани со онлајн безбедноста.

- Реклама -