Уште еден крај на светот?

Уште еден крај на светот? Секоја година, на неколку случајно одбрани датуми светот завршува, во очите на оние што ги предвидуваат тие датуми, а на кои всушност очајно им е потребно внимание. Штом датумите ќе пристигнат, ништо не се случува, сè до следниот „крај на светот“. Вообичаено ова не би било вест, но бидејќи ги забележавме овие билборди и во Скопје, решивме да ве предупредиме.

Автор на најновиот крај на светот е Харолд Кампинг, 89 годишен христијански проповедник од Америка, којшто е основач и сопственик на Family Radio, мрежа вредна преку 100 милиони долари. Според неговите библиски пресметки, на 21 мај се навршуваат точно 7 илјади години од големиот потоп во кој Ное ја имал главната улога. Според тоа, логично би било на тој датум да се случи симнувањето на господ и судењето на грешниците.

Харолд Кампинг го најави првиот крај на светот на 6 септември 1994 година. На 7 септември истата таа година веќе започна да смислува изговори. Денес тие се готови и според нив, тој немал доволно време да ги проучи сите детали од библијата, па затоа пресметките не му биле точни. Овојпат, откако прочитал сè, потполно е убеден дека неговиот ден е вистинскиот крај.

Поради бомбардирањето преку повеќе медиуми, голем број наивни луѓе решиле да се откажат од своите работни места, од плановите за пензија, од иднината на своите деца. Тие луѓе денес ги трошат последните пари од своите заштеди, читаат религиозни книги и се молат, во исчекување на 21 мај. Откако ќе се разбудат утрото на 22 мај, одново ќе бидат соочени со суровата реалност. За жал, нивните деца ќе ја плаќаат цената на наивноста, долги години потоа. [Is The End Nigh? We’ll Know Soon Enough]

- Реклама -