Луксузниот сегмент во автомобилската индустрија не само што не доживува тешкотии на пазарот согласно збиднувањата, туку демонстрира сериозни резултати. Најнов пример е компанијата Land Rover, која произведува теренци од висока класа.
Новитетите Range Rover и Range Rover Sport регистрираат толку голем интерес од страна на клиентите, па производителот не може да ја задоволи побарувачката. За Range Rover, на пример, се чека најмалку 6 месеци, додека за Range Rover Sport испораката може да се забави и цели 9 месеци, тврди пазарното истражување од Bernstein Research. Најголемиот интерес за овие модели е во Кина. Иако, нивната цена во земјата достигна до фрапантни 2,8 милиони јуани (околу 338.000 евра ), листата на чекање е огромна. Толку голема, па некои клиенти плаќаат сериозни суми – од околу 60.000 евра, за да добијат возило побрзо, се тврди во информацијата.
-Во Land Rover нема што повеќе да се направи. Фабриката во Солихал, централна Англија, каде се произведуваат Range Rover и Range Rover Sport, работи 24 часа на ден, седум дена во неделата, велат од Bernstein Research и прецизираат дека побарувачката на овие модели е за 40% поголема од планираното.
Новата генерација Range Rover е нов успешен потег на производителите. Во 2011 година слични резултати имаше Evoque, кој исто формира огромна листа на чекање.
Текстот е објавен во соработка со АвтоПлус