УС Опен: Титула за Сабаленка


Белорусинката Арина Сабаленка ја освои титулата на последниот тениски „гранслем“ турнир во сезоната во конкуренција на тенисерки, откако ја победи Американката Џесика Пегула со 7-5, 7-5 во финалето во Њујорк.

За Сабаленка ова е втора „гранслем“ титула во 2024 година, откако во јануари беше најдобра на Австралија опен.

Откако лани загуби во финалето на УС Опен од Американката Коко Гоф, Сабаленка годинава направи чекор нанапред и во финалниот меч ја совлада домашната тенисерка.

Тоа беше несекојдневен дуел, полн со последователни освоени гемови за секоја тенисерка, Сабаленка поведе со 5-2 во првиот сет, за Пегула со три гема по ред да стигне до 5-5. Но, тогаш Сабаленка спои пет гема по ред и стигна до победничка позиција со 7-5, и потоа 3-0 само за Пегула да возврати со пет гема по ред и да поведе со 5-3, а потоа се чинеше дека третиот сет е неизбежен. Сепак, Сабаленка со четири последователни гема успеа да го приведе мечот во два сета.

За 26-годишната Сабаленка ова е трета „гранслем“ титула во кариерата, покрај двете годинава го има и Австралија опен во 2023. Од друга страна, 30-годишната Пегула играше во своето прво „гранслем“ финале, пред овогодинешниот УС Опен никогаш не стаса подалеку од четвртфиналето.

- Реклама -