УНРВА: Секој ден е борба за опстанок, 40 проценти од жителите на Газа се изложени на ризик од глад

Со оглед на тоа што непријателствата меѓу Израел и Хамас не покажуваат знаци на намалување, 40 отсто од цивилното население во Појасот Газа е под закана од глад, соопшти агенцијата на ОН за бегалци.

– Секој ден е борба за опстанок, наоѓање храна и наоѓање вода, изјави денеска Томас Вајт, директор за Газа на Агенцијата на ОН за помош и работа со палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА).

– Газа се бори со катастрофална глад. Најмалку 40 проценти од населението сега се во опасност од глад, соопшти УНРВА.

– Реалноста е дека ни треба повеќе помош. Единствената преостаната надеж е хуманитарен прекин на огнот, нагласи организацијата.

Израел постојано повторува дека дозволува доволно резерви на помош во затворениот крајбрежен појас, и обвинува дека организациите на ОН не успеваат да ги дистрибуираат. Израел, исто така, тврди дека Хамас ги краде испораките на помош, пренесе ДПА.

Хуманитарните работници нагласуваат дека транспортот и доставувањето помош е исклучително тешко во услови на вооружени судири. Последната и единствена пауза во борбите во војната во Газа се случи на крајот на ноември и траеше една недела.

МИА

- Реклама -