Сте помислиле ли некогаш за карбон футпринтот што се создава ако ве кремираат кога ќе умрете? Веројатно не, ама можеби е време. Кремацијата веќе долго време е алтернатива за оние што не сакаат традиционален погреб, а по западот цветаат многу компании што произведуваат разни објекти за чување на пепелта на изгубените блиски. Ама колку и да ви наведат аргументи „ЗА“ кремацијата, вие секогаш ќе можете да ги победите со следниов: кремирањето создава прилично многу јаглероден диоксид и остава прилично голем јаглероден футпринт. Така, за тие што сакаат да ја спасат планетата за последен пат – постхумно, сега има нов метод на погребување – промесија.
Инволвира криогено замрзнување на човечките остатоци, што потоа овозможува телото да биде „извибрирано“ до прав, на температури од -190 Целзиусови степени. Бидејќи човечкото тело е направено од 70% вода, правта се пренесува во вакуум комора во која се суши од водата, па масата на остатоците се намалува на 30% од оригиналната тежина на телото. Потоа починатиот поминува низ машина што ги филтрира штетните метали и хемикалии во остатоците, со цел да се зачува местото на почивање што е можно поорганско и поприродно (а нешто ми вели дека во процесот ќе се присобере и по некој корисен метал).
По завршување на процесот, останките се ставаат во ковчег-капсула направена од пченка или домати, која потоа се закопува каде и да одбере семејството. По закопувањето на 30-50см длабочина, останките ќе се разградат во почвата во период од 6 до 18 месеци, зависно од условите, а во иднина ќе бидат извор на нутриенти за растението што порано или подоцна ќе пркне на тоа место.
Ова е идеја на шведскиот биолог Сузан Виг-Масак, развивана во текот на 20 години, со единствена цел да се создаде најприродниот метод на погребување. Очигледно, не наиде на којзнае каква популарност во светот, но шведската влада полека но сигурно почнува да го дозволува како алтернатива за кремацијата. Јас би додал: и позабавна, затоа што во процесот ќе бидеш смрзнат во течен азот, како оној лошиот Терминатор што ги бркаше Шварци и Џон Конор.