„Уловен“ новиот пикап на Mitsubishi L200

Во фабриката во Тајланд е снимен предсерискиот пикап Mitsubishi Triton (L200) од новата генерација. Се очекува автомобилот да влезе во производство за неколку месеци, следниот март.

Фотографиите се направени од дилер на Mitsubishi, кој ги објавил на Facebook, за што изгледа бил „опоменат“ и набргу потоа ги избришал, но било веќе предоцна. Инаку, светската премиера на пикапот е закажана за март 2015 година.

Кај новината должината е зголемена, а носивоста ќе надмине 1.000 килограми. Нема информации дали е засилена челичната носечка рамка кај предното независно потпирање и оската позади, која досега беше со лиснати федери, но сигуно има некаква модернизација, а кабината веројатно е попространа и се најавува далеку поголема листа на стандардна опрема со далеку повисок квалитет на завршна обработка.

Новиот пикап Mitsubishi L200 доаѓа со три варијанти на кабината. Моторите се бензински, атмосферски од 2,4 и турбодизелски од 2.5 литри, во спрега со 5-брзински автоматски менувач.

И конечно најинтересно – новиот L200 ќе се нуди и со амблем на … Fiat!

- Реклама -