Украинските нуклеарни централи исклучени и половина Молдавија без струја по новите руски напади

Фото: Центар на Киев, 31 октомври 2022

Сите три нуклеарни централи кои сè уште се под контрола на Украина се исклучени од електричната мрежа, по новите руски воздушни напади врз државата, соопшти денеска украинскиот нуклеарен оператор „Енергоатом“.

Како што се наведува во соопштението, нападите ги активирале протоколите за вонредни состојби во нуклеарните централи Ривненска, Пивденноукраинска и Хмељницка и „како резултат… сите реактори автоматски се исклучени“ од електричната мрежа.

Градот Лавов, во западна Украина, исто така е без струја.

Руските ракетни напади врз енергетската инфраструктура на Украина предизвикаа прекин на испораката на струја и во Молдавија. Половина од земјата е без електрична енергија, изјави денеска вицепремиерот Андреј Спину.

„’Молделектрика’ работи на обновување на напојувањето на повеќе од 50 отсто од државата со електрична енергија“, рече тој.

Полицијата и молдавската компанија која снабдува електрична енергија на југот и центарот на земјата побараа од луѓето да останат смирени.

Прочитајте и:  Трамп вети силна војска и крај на војните

Во Киев, инаку, денеска одекнаа серија експлозии, откако претходно се огласија сирените за воздушен напад. Експлозии се слушнаа и во регионите Дњепропетровск и Миколаев, каде што беа пријавени неколку удари.

„Погоден е еден од инфраструктурните објекти во главниот град. Останете во засолништа! Воздушната тревога продолжува“, напиша на Телеграм градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, но без повеќе детали.

Според украинските власти, едно лице загинало и едно е рането кога била погодена двокатна зграда во главниот град.

Украинците денеска обвинија дека Русите гранатирале и породилиште. Имено, руски проектил рано утринава го погодил породилното одделение на болницата „Вилњанска“ во близина на Запорожје, а во нападот е убиено новороденче, објави на Телеграм регионалниот гувернер Олександр Старук.

„Тага ни ги исполнува срцата – бебе кое штотуку се појави на светот е убиено. Спасувачите работат на лице место“, напиша Старук на Телеграм.

- Реклама -