Украинската пратеничка Кира Рудик во интервју за „Скај Њуз“ утринава го коментираше вчерашниот инцидент во Полска во кој при пад на проектил загинаа двајца полски државјани. Независно од потеклото на ракетата, оцени таа, на крајот на краиштата за тоа е виновна руската агресија.
„Дури и ако станува збор за украинска ракета која требала да пресретне руски ракети, сепак тоа е резултат на обидот да ги заштитиме нашите животи. Повторувам, најдобриот одговор би бил да ѝ се дадат на Украина борбени авиони, како и напредни системи за противвоздушна одбрана. Во тој случај, и ако беше грешка, не би можела се повтори. Затоа што она што сега се случува Украина е борба за опстанок“, изјави Рудик.
Слична порака вчера имаа и британскиот премиер Риши Сунак и неговиот канадски колега Џастин Трудо. Како што соопштија од Даунинг стрит, двајцата разговарале со украинскиот претседател Володимир Зеленски и, истакнувајќи ја важноста од целосна истрага, му порачале дека без оглед на исходот од полската истрага, „војната на Владимир Путин е виновна за континуираното насилство“.
Извор: МИА