УКИМ ја повика Владата да ги почитува научните сознанија за идентитетот и јазикот и да не дозволи поткопување на темелите на државата

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ упати порака до македонската Влада, но и сите сите чинители во евроинтеграциските процеси, да ги почитуваат достигнувањата и сознанијата на македонските и светските научни работници и да не дозволат обезвреднување на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава. Спротивното ќе значи поткопување на темелите на државата, се вели во реакцијата на УКИМ по повод уцените и преговорите со Бугарија.

„Kако продолжувач на традицијата на сесловенските просветитeли и како најголем и најстар универзитет во македонската држава, во чии организациски единици се истражуваат, се проучуваат, се негуваат и се афирмираат македонскиот јазик, македонската историја и македонското културно и духовно наследство, Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ ИЗЈАВУВА:

1. Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ ги поддржува стратешките напори на Владата на нашата држава за интегрирање во ЕУ.

2. Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ се придружува и ја поддржува Промеморијата на МАНУ за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ.

3. Универзитетот ги повикува Владата на Република Северна Македонија и сите чинители во евроинтеграциските процеси да ги почитуваат достигањата на македонските научни работници од областа на хуманистичките, општествените и културолошките науки, како и сознанијата на светската славистика, лингвистика и современа историска наука, според кои:

а) македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен, и временски континуитет; македонскиот јазик е посебен јазик од групата на јужнословенските јазици, кој се изучува на универзитетски центри во целиот свет;

б) македонскиот идентитет е изграден врз колективното сеќавање и врз свеста за традицијата, културата, етнокултурната, политичката и јазичната засебност на македонскиот народ;

в) процесот на формирање на македонскиот народ и македонската нација во ништо не се разликува од соодветните процеси кај другите балкански народи и нации; формирањето на еден народ не е и не може да биде последица на административен акт;

г) создавањето на македонската држава е заедничка придобивка од долготрајната борба на македонскиот народ и сите други етнички заедници; ова историско тежнеење доживеало кулминација во антифашистичката војна, поради што македонската државност е заснована врз антифашистички начела.

4. Оттука, обезвреднувањето на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава би значело и поткопување на темелите на државата“, се вели во реакцијата.

Вчера пак, реакција пристигна и од Институтот за национална историја, чиј директор е проф. д-р Драги Ѓорѓиев – претседателот на македонскиот дел од заедничката комисија за историски прашања со Бугарија.

„Институтот за национална историја претставува најстара научна установа во македонската држава, чијашто дејност е приоритетно фокусирана на научното проучување на историските процеси од минатото на македонскиот народ и нација, на етничките заедници, како и на релациите со соседните балкански народи и држави. Во многубројната научна продукција на Институтот се анализираат и балканските политики во однос на македонското прашање и
македонизмот, чиишто рефлексии можат да се согледаат и во актуелните состојби.

Во согласност со својата потврдена професионалност и научна релевантност во историските истражувања, Институтот не може да не реагира во услови кога политиките директно задираат во науката и особено кога со политички меморандуми цела една нација и историска наука се квалификуваат како фалсификаторство и се повикува на целосна ревизија на историјата на македонскиот народ и нација. Евроинтеграциите на македонската нација не смее да се условуваат со ултимативно прифаќање на ‘историски вистини’ од други национални историографии.

Историјата и нејзината интерпретација мора да бидат детерминирани исклучиво од научна етика и претендирање кон објективност и во тој контекст не смее да се доведува во врска со потребите на политиката, ниту на било каков начин да биде условено од политичките влијанија, што е во целосна спротивност со европските демократски принципи. Имајќи ја предвид природата на научната мисла, која е неопходно да биде слободна и независна, а не политички условена, Институтот го изразува својот категоричен став на осуда на сите форми на политичко оспорување на македонската историографија, на македонската национална историја и идентитетот. Институтот нема да ја подреди својата научна дејност на било какви политички влијанија!“, порачаа од ИНИ.

- Реклама -