УЕФА ѝ одговори на Грција: „Нема да дозволиме европскиот фудбал да стане платформа за политички пораки“

УЕФА ја одби жалбата на Грција за употребата на кодот „MKD“ и логото со „ФФМ“ на македонскиот национален дрес на Европското фудбалско првенство.

Во писмото испратено од заменик генералниот секретар Кевин Ламур, се вели дека УЕФА често се води од државните кодови според Меѓународната организација за стандардизација (ISO), притоа следејќи го примерот и на другите спортски институции, како што е Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), но и дека кодот „MKD“ е во согласност со член 1, став „е“, од Препанскиот договор.

УЕФА одговори и на поплаките за „ФФМ“, потенцирајќи дека во службената комуникација се користи релевантната терминологија согласно ЕВРО 2020, односно терминот „Фудбалска федерација на Северна Македонија“ .

Како што пренесуваат и грчките медиуми, во одговорот, исто така, УЕФА акцентира дека нема да дозволи европскиот фудбал да стане платформа за пренесување политички пораки од било каков вид и дека како организација ќе продолжи да ја штити политиката на неутралност, што е една од најважните точки во нејзините статути.

- Реклама -