УЕФА го казни „Шкупи“ со 42.000 евра, клубот им објави војна на сите „кои се претставуваат како поддржувачи, а всушност се негови непријатели“

Македонскиот претставник во Конференциската лига „Шкупи“ објави денеска дека е казнет од УЕФА со 42.000 евра поради навивачките инциденти поврзани со минатонеделниот натпревар во Скопје против бугарски „Левски“, лоцирајќи ја притоа вината кон дел од своите приврзаници.

Потсетувајќи во опширно соопштение објавено на нивниот официјален сајт дека ова не е прв пат клубот да плаќа високи парични казни, Шкупи најави решителна борба против сите кои се претставуваат како „поддржувачи на клубот, а всушност се негови непријатели“.

„За клубот Шкупи досега се боревме, а отсега ќе водиме уште поголема борба. Сигурни сме дека со нас ќе бидат разумните навивачи на Шкупи, кои вистински го сакаат овој клуб. Ги молиме нашите надлежни институции да ги истражат овие настани. Од утре ќе поднесеме кривична пријава до Обвинителството и до полицијата, да ги испитаме овие прашања, бидејќи тоа не е ништо друго освен предавство“, велат од Шкупи.

Објавата доаѓа непосредно пред вечерашниот реванш натпревар против Левски во Софија во рамки на второто квалификациско коло во Конференциската лига.

Прочитајте и:  Николоски: Бугарија работи на алтернатива на Коридорот 10 што ќе ја заобиколи Македонија и ќе ја направи слепо црево на Балканот

На првиот натпревар во Скопје, на кој Левски триумфираше со 2-0, допатуваа околу 900 бугарски навивачи кои поради инциденти на трибините на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, исто така, му донесоа казна на својот клуб од УЕФА во износ од 40.000 евра. Како што објави бугарскиот клуб глобата му е изречена поради „дискриминаторско однесување на трибината на која беа сместени навивачите на Левски, вклучувајќи и скандирање на етничка основа и политички пораки, како и инциденти во секторот со гостински навивачи“. Дополнително, Дисциплинската комисија на УЕФА му наложи на Левски забрана организирано да носи свои навивачи на следното гостување во европските купови, а во случај на нов инцидент следниот натпревар на домашен терен ќе го одигра пред делумно затворени врати на стадионот „Виваком Арена – Георги Аспарухов“ во Софија.

- Реклама -