Убиен Оливер Ивановиќ, лидерот на косовските Срби

Лидерот на Граѓанската иницијатива „Србија, демократија, правда“ Оливер Ивановиќ е убиен утрово во Косовска Митровица, потврдил за српските медиуми неговиот адвокат Небојша Влајиќ.

Ивановиќ бил застрелан утрово во 8.15 часот додека влегувал во просториите на неговата партија. Според косовските медиуми, во Ивановиќ било пукано со 4 куршуми.

Заменик командирот на косовската полиција за регионот Север, Бесим Хоти изјави за порталот КоССев дека сите полициски сили трагаат по непознатите напаѓачи.

Врз Ивановиќ било пукано додека влегувал во канцеларијата, а го пронашле неговите колеги.

Како што пренесуваат приштинските медиуми, во болничкиот круг во Митровица и пред просториите на партијата има гужва, а делот од градот каде се случил нападот е блокиран од големи полициски сили.

Прочитајте и:  Вучиќ: Брисел не може да поднесе Вучевиќ да се сретне со руски министер па со Фон дер Лајен, против сум каква било поделба меѓу ЕУ и БРИКС

Неодамна во Северна Митровица беше запален автомобилот на Ивановиќ.

Оливер Ивановиќ, на изборите на Косово, беше носител на листата на „Слобода, демократија правда“, а на последните локални избори на Косово, на 22-ри октомври, 4-ца кандидати од неговата листа се повлекоа од изборите поради заплашување.

Во 1999 година Ивановиќ беше избран за претседател на Извршниот одбор на Српскиот национален совет за северно Косово, по што во 2001 година е именуван на шеф на Службата за економски развој при српскиот владин Координативен центар за Косово и Метохија.

Од 2008 до 2012 година беше државен секретар во српското Министерство за Косово и Метохија, по што ја формира партијата СДП.

- Реклама -