Како денес изгледаат некогаш најголемите убавици (видео)

Живееме во свет опседнат со младоста и убавината и интересно е да се слушне што некои од најславните убавици, кои денес се на зрела возраст од шеесет или седумдесет години, имаат да кажат во врска со стареењето и снаоѓањето во модната индустрија.

Во новиот документарец About Face: The Supermodels Then and Now зборуваат жените што владееја со модната индустрија во втората половина на минатиот век. Меѓу нив се и Изабела Роселини, Џери Хол, Мариса Беренсон, Керол Алт, Керен Бјорнсон, Кристи Бринкли, Пет Кливленд, Кармен Делорефиче, Бетан Хардисон, Беверли Џонсон, Чајна Мачадо, Паулина Порицкова и Лиза Тејлор.

Тие откриваат каков третман добиваат жените што се во години во модната индустрија и искажуваат најразлични мислења и стравови во врска со естетската хирургија, килограмите и модерниот свет на манекенството. Сепак, во една работа се согласни сите, опседнатоста со младоста не е нивно обележје. Имено, тие сметаат дека проблемот не е во желбата на жените да останат вечно млади, туку во фактот дека денес околината тоа го очекува од нив.

Манекенките зборуваат и за своите несигурности, па Паулина Порицкова признава дека сфатила дека е убава дури откако завршила со манекенската кариера. Таа вели дека оваа професија нема врска со самодовербата и дека само поради тоа што станува збор за работа што се базира на физичкиот изглед, не значи дека манекенките имаат голема самодоверба.

Конечната поента во овој документарец говори за тоа дека и некогаш и денес потребно е да се поседуваат многу вештини и мудрост за да се опстои во модната индустрија по навршувањето 27 години. Тоа им успеало само на малку среќнички, а меѓу нив се Кејт Мос, Клаудија Шифер, Кристи Тарлингтон, Синди Крафорд, Линда Евангелиста и Наоми Кембел.

{youtube}bmFhOLGL204{/youtube}

- Реклама -