Екс-градоначалникот на општина Карпош и претседател на партијата ГРОМ, утрово е уапсен по налог на Обвинителството за гонење организиран криминал, во врска со нова истрага. Официјални детали засега нема, но според сознанијата на „Телма“, се работи за 1 милион евра кои Јакимовски ги проневерил додека бил градоначалник, преку легализирање на земјиште, со што е намалена цената на државен имот.
Јакимовски во текот на денот треба да биде изведен на распит пред судија на претходна постапка, а се очекува обвинителството да бара притвор.
Покрај Јакимовски, уапсени се и неколку други лица, дознава „Мета“. Двајца од нив се вработени во Општина Карпош, а меѓу останатите петмина има и бизнисмени.
Јакимовски беше приведен и лани во август, во истрага на финансиската полиција, под сомнение за злоупотреба на службена должност додека бил градоначалник на Карпош. Притоа му беа определени мерки на претпазливост и му беше одземен пасошот. Неколку дена подоцна, Финансиската полиција му поднесе нова кривична пријава, за бесправно градење.
Тој е осомничен и во истрагата „Хармонија“ на СЈО, заедно со Никола Груевски и Миле Јанакиески, потсетува „Плусинфо“.