Кога еден палестински градежен работник објавил навидум обична слика на Фејсбук, не ни претпоставувал што може да му се случи. На сликата Палестинецот бил потпрен на булдожер, а зад него се гледало градилиштето на кое работел. Под сликата пишал „Добро утро“. Неколку часа подоцна, бил уапсен од израелската полиција.
Ако полицајците го прочитале постот пред да го уапсат човекот, ќе знаеле дека се работи за грешка, и тоа грешка на автоматскиот преведувач на Фејсбук, кој статусот со желба за „добро утро“ го превел како „повреди ги“ (hurt them) на англиски, a „нападни ги“ на еврејски. Полицијата го испрашувала Палестинецот неколку часа, под сомнение дека планира да го искористи булдожерот во терористички напад. Грешката ја сфатиле дури кога еден полицаец кој зборувал арапски лично го прочитал статусот.
Фејсбук го користи преведувачот базиран на вештачка интелигенција уште откако раскрсти со преведувачот на Bing во 2016-та. Од компанијата се извинија за грешката и признаваат дека иако нивниот преведувач секојдневно се подобрува, не е совршен, а вакви грешки се случуваат одвреме навреме.
Многу од машинските сервиси за превод имаат проблем со арапскиот. Не само затоа што е многу различен од англискиот, туку и затоа што постојат многу дијалекти на арапски ширум светот, покрај интернационалната форма на јазикот.