Остра дебата се развила на седница на Владата околу прашањето за (забрзување на постапката за) регионално укинување на ПЦР тестовите со Косово, Албанија, Србија, Бугарија и Грција, објави „ТВ21“ повикувајќи се на доверливи извори во владата.
Како што пренесува медиумот, министрите на ДУИ се за укинување на ПЦР тестовите, но двајца министри на СДСМ биле против. Тие обвиниле дека се врши притисок врз епидемиолозите, а истовремено инсистираат дека одлуката за укинување на ПЦР тестовите треба добро да се анализира пред да биде донесена.
Според информациите на „ТВ21“, и премиерот Зоран Заев е за укинување на препораката. Заев, меѓутоа, денеска изјави дека при одлуката треба да се води сметка прво за здравствениот, а потоа за економскиот аспект.
„Треба да бидеме внимателни и во двата аспекта при отворање на границите – на здравствениот и на економскиот, кои се подеднакво важни, но сепак, здравјето на луѓето преовладува“, одговори Заев на новинарско прашање.
Тој посочи дека министерот за здравство Венко Филипче, на седницата, информирал за дебатите на регионално ниво и ги презентирал сите предности и потенцијални проблеми што биле предмет на дискусиите. Истакна дека Министерството за здравство прво ќе ги доврши консултациите со министерствата на соседните земји, па потоа Комисијата за заразни болести ќе даде конечна препорака дали да се отворат границите без ПЦР тестови.
Вчера и потпретседателот на СДСМ – Мухамед Зекири, му порача на заменикот министер за здравство – Илир Хасани, дека е рано за кафе во Приштина без ПЦР тест. Таков Фејсбук статус Хасани објави пред три дена, најавувајќи дека многу наскоро ќе се „отворат“ границите. Според Зекири, статусот бил избрзан, а мотивиран од популизам.
Хасани, инаку, подоцна демантираше одредени информации во медиумите дека Комисијата за заразни болести препорачала укинување на ПЦР тестовите и објасни дека КЗБ дискутирала, но заклучила дека потребно е повторно и многу сериозно да се разгледаат сите епидемиолошки параметри околу ваквата евентуална одлука.
Сепак, Хасани увери дека МЗ прави максимални напори за отворање на границите без ограничувања, и тоа од три причини: економски, социјални и поради тоа што епидемиолошката состојба кај соседите е иста со нашата.
„Епидемиолошките параметри покажуваат дека немаме големи разлики со Косово и соседните земји во врска со бројот и сето тоа морално не’ обврзува и во својство на функцијата како заменик министер да му дадам приоритет на ова прашање оваа недела, следниве денови“, рече Хасани.
Вчера новинарот Љубиша Николовски „го искара“ Хасани да внимава со политичките изјави, поради граѓаните, но и за да се избегнат коментари од типот „повторно разногласие во Владата на Заев“. Притоа му посочи дека, според Филипче, соседните земји немаат широк метод на тестирање како што имаме ние, дека во Србија беше објавено дека имало три пати повеќе смртни случаи од пријавеното, како и дека Американската амбасада во Косово им укажува на своите граѓани да не патуваат во оваа земја бидејќи сѐ уште е на ниво 4, што значи „Не патувајте поради Ковид 19“ (Level 4: Do not travel to Kosovo due to COVID-19. Exercise increased caution in Kosovo due to terrorism. Some areas have increased risk).