Грчката влада издаде нови, задолжителни насоки за хотелите ширум земјата во однос на справување со можните случаи на Ковид-19 што ќе се појават меѓу туристите, штом земјата ќе го реотвори туризмот.
Имено, од сите хотели се бара да обезбедат „безбедни соби“, односно изолациони делови за потврдените случаи кај кои клиничката слика не наложува потреба од хоспитализација, пренесува Greekreporter.
Според грчките власти, ова привремено решение, кое наскоро ќе биде заменето со создавање на мрежа од „карантински“ хотели, ќе овозможи безбедно отворање на грчкиот туризам.
Насоките наложуваат сите видови сместувања кои имаат до 10 соби да имаат една карантинска соба, сместувањата со до 50 соби да имаат две карантински соби, а сместувањата со повеќе од 50 соби да имаат 3% од вкупниот капацитет предвиден за изолација на заразените туристи.
„Безбедното продолжување на грчкиот туризам е наш прв приоритет. Денеска беше направен важен чекор кон зацврстување на ова чувство на сигурност. Но, не сме пресамоуверени и не застануваме овде; продолжуваме да се фокусираме на оваа цел секојдневно“, изјави грчкиот министер за туризам Харис Теохарис.