Оданочувањето на црвеното месо и месните преработки, нали на она на цигарите и алкохолот, би можело да спречи околу 220.000 смртни случаи годишно, а воедно, но многу важно, и да заштеди 40 милијарди долари на здравствена заштита, се тврди во нова студија објавена на Универзитетот во Оксфорд.
Според класификацијата на СЗО (Светска здравствена организација), свинското, говедското и јагнешкото спаѓаат во категоријата „веројатно канцерогени“ меса. Во категоријата „канцерогени“, без двоумење, спаѓаат сите видови месни преработки. Освен тоа, се поврзуваат и со срцеви болести, мозочни удари и дијабетес.
Марко Спрингман – главниот автор на студијата, верува дека оданочувањето на црвеното месо и месните преработки би било добар начин луѓето да се поттикнат на поздрава исхрана и избор на поздрави намирници, слично како што е тоа случај, според него, со производите како цигарите и алкохолот.
„Високите даноци на црвеното и процесираното месо никому не би му го ограничиле изборот, а би претставувале силен сигнал до консументите и би го намалиле притисокот врз здравствените системи“, смета тој.
Според неговите проценки, со таквите даноци консумацијата на црвено месо и месни преработки би се намалила за 16% на глобално ниво.
„Никој не сака владата да му кажува што да јаде. Меѓутоа, јасно е дека консумацијата на црвеното и преработеното месо има своја цена“, образложува Спрингман.
Консумацијата на месо ја оштетува и планетата. Анализа на импактот од домашниот добиток врз животната средина, објавена во мај, покажува дека избегнувањето на месо и млечни производи е најефикасниот начин да се редуцира тој импакт. Во октомври, други научници порачаа дека огромно намалување во консумацијата на месо е потребна за да се избегнат опасни климатски промени. Поконкретно, тие зборуваат за потребен пад од 90% во консумацијата на говедско во земјите од Западот.
Спрингман, пак, својот предлог „го правда“ со тоа што во Велика Британија веќе третина од Британците престанале или го редуцирале јадењето месо (а сите даночни обврзници плаќаат за здравствено осигурување за лечење на болестите што произлегуваат од јадењето месо). Тој смета дека сега е погоден момент затоа што и противењето во однос на оданочување на месото е опаднато во споредба со 2015-та. Што се однесува до поскапувањето на месото – кое неминовно ќе следи по евентуалното високо оданочување, Спрингман пресметал дека ќе резултира, во просек, со по две порции месо помалку неделно. Луѓето во западните земји моментално јадат по една порција на ден, пресметал тој.
Ако сте и вие од тие кои сметаат дека месото и сега е доволно скапо, веројатно веќе ви врие крвта од предлогот на Спрингман. Но, во истражувањето (објавено во PLOS One) всушност се зборува за глобален „оптимален“ данок на месото, кој би зависел од тоа колку месо се јаде во земјата и колкава е куповната моќ. Со други зборови, во сиромашните земји, каде ретко се јаде месо, данокот би бил практично 0%. Во Германија, од друга страна, за да се покријат поголемиот дел од здравствените трошоци (што е една од главните цели), данокот би изнесувал 166%.
„Сé повеќе сум убедена дека данок на црвеното и преработеното месо е неизбежен, имајќи во предвид дека науката станува сé поконсолидирана околу штетните последици од консумацијата на истото“, вели Кетрин Харпер од Универзитетот во Глазгов, надоврзувајќи се на истражувањето (со кое таа нема директна поврзаност).
Повеќе на The Guardian.