Црвеното апче

red_pill

Да ja споредиме брзината на биолошката еволуција на видот Homo Sapiens и брзината со која неговиот интелект измислува сé повеќе нови технологии кои се граничат со невозможното, е исто како да замислиме камен крај патот и фотон што со брзина на светлината прелетува крај него на неколку десетици илјади години.

Зашто ако им веруваме на палеонтолозите, човечката раса нема претрпено речиси никаков физиолошки развој од времето на неолитот. Но ако се повикаме на претскажувањата на пророците од Силиконската долина – наскоро ќе шетаме со очила на чии стакла ќе се проектираат профилите на социјалните мрежи на сите случајни минувачи.

А никој не е сигурен дали психата ќе ни издржи

такво преоптоварување со информации и константно разголување пред светот. А зборуваме за само еден од најбезопасните пронајдоци кои нé очекуваат. Зашто, спротивно на сеопштиот корпоративен оптимизам, мене ми се чини дека колку полесен ни станува животот – во толку поголема опасност се наоѓаме.

Човекот е животно, физиолошки адаптирано да трча цел ден низ дивината, за да лови и да се прехранува активно движејќо се, со активни напори и физичка мака. Но денес се вози во автомобил до супермаркет, пазарува седнат пред компјутер, заработува работејќи на биро.

Природното настројство и начинот на живот му се влезени во таков конфликт

што има потреба во фитнес сала да ја симулира физичката активност од неолитот, ако не сака да умре на рана возраст од запушени артерии и атрофија на мускулите.

Недостатокот од движење е последица на прогресот. И освен што ни го разболува телото, ни ја мачи и душата, зашто заради денешното недвижење не произведуваме доволно хормони на среќата и паѓаме во депресии.

И не е само ова ќоше од каде што не демнат закани. Технологиите се развиваат толку брзо што

Моралот не успева да фати чекор со нив

а психата ни успева да се приспособи на нив. Противречноста меѓу етиката, психологијата и науката е нова точка од дневниот ред на јавните дебати, но ќе станува сé поактуелна и ќе се искачува се повеќе меѓу нашите приоритети.

Таа дебата за прв пат релативно јавно осамна кога научниците, откако ги открија силите скриени во атомското јадро, почнаа да се противат на нивната употреба за масовно уништување. И покрај тоа, малку подоцна беа фрлени двете нуклеарни бомби во Хирошима и Нагасаки, и светот дозна дека со напредокот во науката нема шегување. Дека со секое откритие стануваме сé посилни, но и сé повеќе сме приморани

Да одолеваме на импулсот да си играме на богови

бидејќи со тоа ризикуваме да се самоуништиме.

Совладувањето на енергиите, напредокот во медицината и развојот на високата технологија – сé се тоа нешта кои истовремено многу ме радуваат, но и силно ме плашат. И како хуманист, полесно ми е да си ги објаснам преку уметничките дела кои ме натераа да размислува за нив. Имам изначитано еден куп антиутопии, кои ме исплашија дека секој напредок има две лица.

„Франкенштајн“ на Мери Шели е роман кој секој доктор треба да знае напамет. Тој е филозофска рефлексија на тоа до каде можат да одат медицинските откритија и академската надменост. Добро е што сé повеќе болести се лекуваат, што трупови се враќаат во живот благодарение на незапирливиот развој на знаењата и инструментите на докторите. Прекрасно е што трансплантациите спасуваат луѓе кои пред само половина век ќе беа осудени на смрт.

Но заедно со трансплантацијата на органи се појави и трговијата

со нив, како и концептот на гледање на луѓето како магацини за резервни делови. Се стави финансиска цена врз опстанокот и долгиот живот, се намножија злосторствата против физичкиот интегритет. Човештвото сé уште спори за  проблеми како што се сурогат-мајчинството, селекцијата на генетски идеални ембриони, клонирање на човечки суштества, ГМО – сé се тоа научно остварливи, но морално сомнителни нешта.

Можно ли е, ако почнеме да ги практикуваме масовно, да го извитопериме општествениот морал до таков степен што ќе почнеме да се самоповредуваме и ќе ја избришеме сета стравопочит кон силата на природата и случајноста врз нас?

Јас сум врсник на интернет

и затоа сосема разбирлив е мојот восхит од секој нов пронајдок во областа на високата технологија. Но последниве години сфатив дека таа треба да се користи внимателно и мудро. Бидејќи и тука фаталните порази доаѓаат од дозата, а не од тоа што употребуваме.

До крајот на минатиот милениум, глобалната мрежа нé фрлаше во екстаза. Потоа нé стави на штрек. За мене лично, првото предупредување дојде од филмот „Матрикс“. Ако се потпираш премногу на машините, во еден момент тие можат да ти станат господари и да те натераат да го изсонуваш животот, да те лишат од сопствена волја, а истовремено да те убедат дека сé и секогаш зависело од тебе. Или ако „Матрикс“ ви се чини премногу нереална фантастика – сфатете го како метафора:

Некој друг, поитар и полукав од тебе (таков секогаш ќе се најде)

може преку машините да ти го проектира животот како што нему му одговара. И да те лиши од избор, заблудувајќи те со тоа што постојано ќе ти ги проширува хоризонтите. Зарем ова не се случува и преку телевизијата, и преку социјалните мрежи?

Иако денес не можам да го замислам животот без компјутер, интернет и мобилен телефон, гледам да не ги претворам во свои господари. Човештвото небаре достигна некаков

Праг на презаситеност од напредок

Невроните почнаа да ни прегоруваат, бидејќи системот ни е  преоптоварен со информации. Немаме физиолошки капацитет да го впиеме сето тоа што ни го сервираат. А за да им се таман сметките, производителите на технологија се обидуваат да те исполнат со чувство на вина, дека фатално заостануваш во големиот маратон, ако не ги следиш постојано зад петиците. Дека не си живеел ако немаш смартфон, таблет, автомобил кој паркира сам и разговара со тебе, машина за перење која знае дека чорапите ти се за перење, или фрижидер кој ти праќа СМС кога млекото ти е скиснато (ако воопшто скиснува, бидејќи обичната раја нема претстава со какви конзерванси е преполно и дали воопшто е млеко). Модерните гаџети и начини на комуникација станаа таков мејнстрим, што веќе стануваат демоде. 

Движењето на „дауншифтерите“ станува сé поавангардно

Downshifter-и – луѓето кои се враќаат кон природата и се откажуваат од технологиите како начин на живот, а ги користат само во разумни и комплетно несуштински граници. Ако до пред неколку години те гледаа со презир зашто немаш профил на друштвена мрежа, сега се случува обратното. Ексцентрично е да имаш единствено фиксен телефон или да пишуваш хартиени писма. Авангардно е да живееш на село, а не во оловните испарувања во центарот на големиот град. Модерно е да јадеш домати кои сам си ги садиш. Човек има потреба да седне во мир и тишина, за да размисли за сé што се случи низ последните децении. Да ги просее и да ги провери илјадниците пријателства натрупани на друштвените мрежи. Да се прочисти од отровите на современото производство. Да се поврзе со неолитната природа и од таа перспектива да избере што ќе јаде, наместо да се храни со пластмасата која современата индустрија му ја сипува во системот.

Безумната брзина на денешниот живот ја размачкува глетката

и веќе не ги гледаме деталите, испуштаме важни нешта. Зашто секоја технологија треба да биде поткрепена со филозофија, етика и осознавање на последиците. Црвеното апче на Нео од Матрикс ќе нé спаси од тоа прејадување со прогрес. Во спротивно, ќе влеземе во црна информациона дупка, од која излегување нема.

morpheus 1080

Елена Кодинова

- Реклама -