Мантрата дека нема алтернатива е неприфатлива и мора да се размислува за план Б, истакна екс-претседателот на државата – Бранко Црвенковски, на научниот собир во МАНУ по повод 30-годишнината од независноста на државата.
„Мантра која постојано ја слушаме од страна на актуелните политичари во нашата земја е ‘Полноправното членство во ЕУ е нашата единствена опција за која не постои алтернатива. Не постои и воопшто не размислуваме за план Б.’ Го поставувам прашањето: А што ако не заради нас – не затоа што ние не сакаме или не сме спремни да ги спроведуваме неопходните реформи и да ги исполнуваме неопходните критериуми, туку затоа што самата ЕУ реши да нема понатамошно проширување – на пример затоа што ваква каква што е со постојните членки е недоволно функционална и ефикасна – дека евентуално нови членки дополнително ќе го усложнат и онака премногу компликуваниот начин на одлучување и креирање на заеднички политики? А такви размислувања во рамки на Унијата веќе има. Што во тој случај ќе правиме ние за кои не постои друга алтернатива? Ќе се самоукинеме, ќе се самораспуштиме како држава? Или мора да најдеме алтернатива?“, праша Црвенковски во обраќањето.
Тој призна дека не гледа алтернатива ни на исток, ни на далечниот исток, но порача дека во таков случај треба да се запрашаме и да имаме сопствен општествен капацитет, политичка волја и јасна визија да се одржиме и развиваме како суверена држава дури и без полноправно членство во ЕУ.
„Ако нашата главна идеја водилка е ‘НАТО ќе нѐ брани, ЕУ ќе нѐ храни’, тврдам дека ниту ќе се одбраниме, ниту ќе се нахраниме. Зарем не е логично дека никој од надвор не може да биде повеќе заинтересиран од нас самите во каква држава ќе живееме и каква држава ќе оставиме на нашите деца и внуци? Па, ако е логично, што нѐ попречува така да се однесуваме кон сопствената земја?“, праша тој.
Според него, клучните препреки за таков однос на граѓаните кон државата се корупцијата, внатрешната длабока поделеност и политичките конфронтации, но и тоа што сме држава која живее на кредити.
Во корумпирана држава, рече Црвенковски, нема еднаквост пред законот, нема правда, нема доверба во судството, нема квалитетно образование, ниту квалитетно здравство, ниту елементарна доверба во институциите.
„Македонија е внатрешно длабоко поделена и конфронтирана држава каде не е можно да се изгради консензус околу ниту едно стратешки важно прашање, политичките партии меѓусебно не се гледаат како конкуренти туку како непријатели кои треба да се уништат, а изборите, без разлика од кој вид, не се третираат како фер натпревар кој е подобар туку како гладијаторска борба во која победникот добива сѐ а поразениот ништо“, рече поранешниот шеф на државата.
„Јас сум длабоко уверен дека вака внатрешно конфронтирани, раскарани и замразени, неспособни ниту да седнеме на иста маса а камоли за нешто да се договориме, немаме никакви шанси да ја направиме Македонија поуспешна, попросперитетна, посакувана во неа да се живее и во неа да се верува“, заклучи Црвенковски.