Црвенковски: Договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање, туку ја отвори Пандорината кутија

„Веднаш по стекнувањето на независноста во Македонија се постигна широк општествен консензус дека нашата иднина е во НАТО и ЕУ, но за жал и покрај исполнeтите услови уште пред 13 години, заради спорот со Грција ниту станавме членка на НАТО, ниту ги отпочнаме преговорите со ЕУ. Ни беше најавено, па дури и гарантирано дека Преспанскиот договор е клучот што ќе ги отвори двете врати. За жал испадна дека не е така. Станавме членка на НАТО, но заради позициите на Бугарија не можеме да ги отпочнеме преговорите со ЕУ“, истакна поранешниот претседател на државата – Бранко Црвенковски, во своето обраќање на научниот собир во организација на МАНУ на тема „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година“, а по повод 30-годишнината од независноста.

Прочитајте и:  Бендевска: Провокација од бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ за денот на ослободувањето на Битола

Како што истакна Црвенковски, тој не би ставил знак на еднаквост помеѓу Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, и тоа, како што рече, од најмалку една причина.

„Преспанскиот договор со Грција, кој јас не го сметам за добар а уште помалку за идеален, туку за избор на помалото зло, сепак затвори едно тешко отворено прашање. Договорот со Бугарија не само што не затвори ниту едно прашање, туку напротив – ја отвори Пандорината кутија и создаде основа за цела серија барања од страна на Бугарија, кои до таа мера задираат во нашиот национален идентитет и историја што компромис едноставно не е можен“, рече Црвенковски.

- Реклама -