Централна банка на Русија: Мобилизацијата ќе влијае врз економијата, санкциите врз нафтениот и високотехнолошкиот сектор сè уште не се почувствувани

Њујорк, 20 октомври 2022 (МИА) – Делумната мобилизација 300 илјади резервисти за фронтот во Украина ја поткопала довербата на потрошувачите за деловна активност и веројатно ќе влијае врз националната економија наредните месеци, се посочува во извештај на Централната банка на Русија.

Според извештајот, чии делови објавува „Блумберг“, Одделот за истражување на Руската централна банка минатиот месец забележал забавување на закрепнувањето на економската активност во земјата, дури и благо влошување кон крајот на септември.

„Делумната мобилизација принуди повеќе од 350 илјади Руси да ја напуштат земјата и го влоши веќе акутниот недостиг на работна сила. Тоа, исто така, влијаеше негативно на довербата на потрошувачите и бизнисот“, се наведува во документот.

До крајот на 2023 година, БДП ќе биде околу осум проценти под нивото на аутпутот во 2021 година.

Промената во ставовите на потрошувачите во услови на растечка неизвесност може привремено да го забави закрепнувањето на потрошувачката на почетокот на четвртиот квартал, предупредува Руската централна банка.

Прочитајте и:  Фицо: Во Украина се борат нацистички трупи, меѓународната заедница не реагира

Економистите велат дека падот на работната сила по делумната мобилизација може да ги искомплицира напорите на компаниите за надминување на ограничувањата во понудата, но да го ограничи и севкупниот тренд на економската активност наредните месеци.

Иако документот е подготвен од Одделот за истражување, неговите заклучоци не секогаш се совпаѓаат со официјалниот став на Централната банка. Се очекува следната недела да биде објавена ажурирана проценка.

Извештајот ги истакнува и останатите економски последици од руската инвазија на Украина. Се забележува дека влијанието на американските и европските санкции врз нафтениот и високотехнолошкиот сектор сè уште не е почувствувано.

Истовремено се истакнува дека заминувањето на странските компании од рускиот пазар по почетокот на војната во февруари создало инфлациски притисок, поради недостаток во снабдувањето со основни производи за широка потрошувачка.

- Реклама -