Српските туристи кои ќе влезат преку „Табановце“, преку автопатот Скопје-Велес ќе можат да ги искористат поволностите за бесплатна патарина и ако летуваат во Охрид, Преспа или Дојран, а не само доколку патуваат кон Грција, пишува порталот „Центар.мк“, по информацијата дека српските туристи кои патуваат за Охрид нема да добијат електронска „М-кард“ картичка, затоа што, како што рече портпаролот на Владата – Душко Арсовски, на тој правец нема електронска наплата.
Според „Центар.мк“, преку Коридорот 10 може да се стигне буквално до секоја точка од туристичките места низ Македонија. Така, српските туристи кои ќе сакаат да одат во Преспа и Охрид, можат, по патарината која води кон Градско, да свртат на патот кон Росоман, па преку Плетвар и магистралниот пат Прилеп-Битола.
„Засега нема информации дали користењето на М-кард картиците ќе може да биде реализирано на автопатот Гостивар-Кичево, но сепак српските туристи до Преспа или Дојран би стигнале побрзо доколку го користат автопатот Скопје-Велес, а ќе возат 30-тина километри повеќе доколку сакаат да стигнат во Охрид.
Притоа српските туристи можат да наминат без да платат патарини и во Берово или Крушево, на пример“, додава порталот.