„Три милиони евра за картички за гратис патарини за српски туристи!? Вие не сте нормални!“

Со вчерашната одлука, Владата го задолжи Министерството за финансии да префрли 172 милиони денари (нешто над 2.8 милиони евра) за набавка и изготвување на 200 илјади таканаречени М-Смарт Кард картички, со кои ќе им се овозможи на граѓаните на Србија летово да можат да патуваат низ Македонија без да плаќаат патарина. Но, не сите, туку само оние кои одат и се враќаат од Грција, а не и, на пример, српските државјани кои ќе летуваат во Охрид.

Како што објасни денеска портпаролот на Владата – Душко Арсовски, електронските картички се наменети и ќе ги дели МВР на граничниот премин „Табановце“, на патничките моторни возила кои би транзитирале по Коридорот 10 (кој води кон граничниот премин Богородица) за време на летната сезона во периодот од 15 јуни до 15 август. За оние кои патуваат кон Охрид картички ќе нема, бидејќи на овој патен правец нема електронска наплата, образложи Арсовски.

Пресметките за бројот на картички, пак, се направени врз основа на анализите на поминати возила за 2019 година, со оглед дека лани, поради пандемијата на КОВИД-19, границите речиси цело време беа затворени. Во 2019-та, пак, како што истакна и Арсовски, имало рекорден приход од наплата на патарина и транзитирале рекорден број возила. Оттаму е извлечена бројката од 200.000 картички, рече тој.

На новинарско прашање за тоа колку ваквиот гест на благодарност за српските вакцини ќе ја чини државата, тој појасни дека на секоја картичка ќе има по 760 денари, колку што чини транзитот, плус 100 денари за нејзината изработка.

Овие суми ги брануваа социјалните мрежи и јавноста. Меѓу многуте, реагираше, остро, и пратеникот и претседател на Левица – Димитар Апасиев.

„Не озбилно… Вие не сте нормални! Три милиони ЕУР за картички за неплаќање патарини на српски туристи летово!? WTF“, напиша тој на Фејсбук.

Според него, постои многу поедноставно решение, што пак алудира дека зад ваквата одлука на Владата се кријат некои други мотиви:

„Абе торлаци, тоа се решава така што, во знак на благодарност, ќе ги пропуштаме сите коли со српски таблици на сите патарини. И толку! Многу едноставно. Ни картички, ни ваучери, ни тендери, ни пичкe-си-материне!

p.s. Ама вас ви е битно тендерчето за ‘картичките’ да си го наместите – ѓубриња смрдени клептомански“, смета Апасиев, притоа уште еднаш упатувајќи ја за него препознатливата предупредувачка порака – „Ќе висите заедно!“.

Пред три дена, во интервју за српски „Курир“, премиерот Зоран Заев потврди дека овој гест на благодарност Македонија ќе ја чини околу 2.8 милиони евра, како и дека вредноста на вакцините донирани од Србија, вкупно 48.240, е околу 700.000 евра. Сепак, како што истакна премиерот, помошта од Србија била непроценлива:

Прочитајте и:  Владата ќе му позајми на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата

„Благодарни сме на претседателот Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и српскиот народ на оваа помош. Добивме точно 48.240 вакцини, и тоа драгоцени. Ги добивме кога никој ги немаше, дури ни Србија немаше доволно за себе. Да дадеш на својот сосед она што ни ти го немаш доволно за себе – тоа е чин на пријателство, великодушност и братство. Тоа само брат за брат го прави. И не само јас, туку и братскиот македонски народ тоа нема да го заборави“, рече Заев за „Курир“, потсетувајќи и дека меѓу 10 до 20 илјади луѓе од Македонија отидоа во Србија и примија прва, па дури и втора доза вакцина.

Ако на Србија ѝ возвраќаме со 2.8 милиони евра, тогаш како ќе ѝ заблагодариме на кинеската армија (која ни донира 100.000 вакцини од „Синофарм“), прашува Џевдет Хајредини – експерт за финансии и политички аналитичар и поранешен министер за финансии. Според него, одлуката на Владата е непотребна, избразана и непропорционална, пренесува „Дојче веле“, во текстот „Ослободување од патарини: Избрзан потег или одлука со далекусежни економски ефекти“.

За Никола Поповски – поранешен висок функционер на СДСМ, претседател на Собранието, како и министер за финансии – важен е гестот на благодарност и добрососедство, а споредно е тоа колку приходи ќе загуби државата. Освен тоа, оваа одлука ќе допринесе за зближување на двете држави и народи, а тоа ќе донесе долгорочни економски ефекти и економска соработка на сите полиња, смета тој.

За аналитичарот Мерсел Биљали, пак, оваа одлука е дискриминаторска во однос на другите земји, но освен тоа, и чин на слабост, особено што во прашање е Србија.

„Чинот да ѝ возвратите веднаш на другата држава за некој нејзин добар гест е знак на слабост. Впрочем сите знаат дека Србија не го направила тоа поради некој хуман гест, туку како регионална реклама дека се работи за супериорна држава во однос на соседите. Дури мириса и на некаква регионална геополитика. Србија сега е регионален економски лидер, па оттука има потреба за докажување“, вели Биљали.

Според одлуката на Владата, евентуалните неискористени средства, по завршувањето на проектот, Јавното претпријатие за државни патишта ќе треба да ги врати во Буџетот.

- Реклама -