Цената на житото се зголеми откако Русија се повлече од извозниот договор на Црното Море

Цената на житото на светските берзи се зголеми откако Русија во текот на викендот објави дека еднострано се повлекува од договорот за извоз на украинско жито преку Црното Море. Потегот на Кремљ создава загриженост дека повторно би можело да дојде до прекин на глобалното снабдување.

Во Чикаго, фјучерсите на пченицата се зголемија за 5,4 отсто до 8,73 долари за бушел (бушел пченица = приближно 27 кг), што е нивно највисоко ниво од 14 октомври, но, барем засега, сѐ уште е далеку од рекордот од март, кога цената скокна до 13,64 долари за бушел.

Фјучерсите на пченка додадоа 2,2 отсто на 6,96 долари за бушел, а сојата се најдe на 14,12 долари за бушел, што е раст од 0,8 отсто.

Прочитајте и:  Руски борбени авиони, НАТО системи, американски хотели... Специјалните барања на Путин ја одложуваат неговата посета на Турција

Москва се повлече од договорот за жито во саботата, поради украинскиот напад со дронови врз Црноморската флота на Русија на полуостровот Крим.

Киев обвини дека Кремљ бара изговор да го напушти договорот, а според Вашингтон, Русија повторно се обидува да ја користи храната како оружје.

Извор: МИА

- Реклама -